Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска имаше работна средба со претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески и членовите на Управниот одбор на комората. На средбата присуствуваа и Фатмир Битиќи, заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции и заменик-министерот за финансии Филип Николоски.
Премиерот Ковачевски на средбата ги информираше претставниците на бизнис заедницата за работната посета во САД, за која посочи дека е од национална и државна важност.
„Нашата држава во овие клучни моменти доби многу силна поддршка од нашите најголеми и најважни стратешки партнери, САД, што е исклучително важна за иднината на земјата и за продолжување на европскиот пат. САД го цени нашиот придонес во глобалните процеси и тоа што сме земја фактор на регионалната стабилност. Македонската држава во својата понова историја имала поддршка од САД но ваква силна, изразена и ваква значајна за иднината на земјата, досега немала. Тоа мора да го имаме предвид. Особено сега во овие моменти“, рече премиерот Ковачевски и порача дека имаме целосна поддршка од САД и за уставните измени, што беше нотирано и во изјавата на Ескобар, но и на амбасадорката Агелер, колку е важно во национален, регионален, но и во глобален контекст Северна Македонија да продолжи со евроинтеграциите кои се веќе започнати.
На средбата, премиерот Ковачевски информираше за разговорите со државните секретари Блинкен и Ескобар, кои потврдија дека евроинтеграциите на земјава се неповратен процес, но изразија загриженост за блокадата на опозицијата.
„Денес сме посветени и на натамошен напредок кон европските интеграции – и тие порано или подоцна ќе се случат, затоа што државата е на вистинскиот колосек и оттука има само напред. Северна Македонија конечно има поволен и предвидлив деловен амбиент за компаниите и за нови инвестиции, што е резултат на стратешките политики, членството во НАТО и почетокот на преговорите со Европската Унија“, рече премиерот Ковачевски.
При тоа премиерот Ковачевски посочи дека, за бизнис заедницата е особено важна поддршката што државата ја има од САД, потенцирајќи дека влезот на странски познати компании кај нас, значи и повисок инвестициски рејтинг.
Кога една компанија напредува, тоа е мотив и друга компанија да влезе и да инвестира, рече премиерот Ковачевски, додавајќи дека со зголемениот број на инвестиции се отвора можност – наместо држава на евтина работна сила Северна Македонија да биде држава на подобро платени работни места.
„Носиме инвестиции кои се брзорастечки. И со ова Северна Македонија ја ставаме на мапата земји кои имаат капацитет за големи инвестиции и за инвестиции на 21 век“, порача премиерот Ковачевски.
На средбата во Стопанската комора на Северна Македонија, премиерот Ковачевски посочи дека бизнис заедницата е важна за креирање на економските политики на државата, бидејќи приватниот сектор е еден од двигателите на економијата.
Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески порача дека комората и во иднина конструктивно ќе придонесува со мерки за подобрување на деловниот амбиент и притоа го акцентира напредокот кој земјата го постигна во меѓунационалниот дијалог.