Ковачевски во увид на цевководот „Макарија“: Вода за наводнување ќе има, инвестициите во водостопанската инфраструктура продолжуваат

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски и градоначалникот на Општина Росоман, Стојан Николов беше на увид на санација на системот за наводнување „Макарија“ во Росоман.

Владата на Република Северна Македонија, на една од последните седници го задолжи Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да достави предлог измена на Програмата за водостопанство, со што се обезбедуваат потребните над 1,3 милиони евра за санација на проблемот.

„Во моментов, фирмата изведувач интензивно работи на санирање на дефектот и очекувам тоа брзо да се заврши, со што повторно ќе може да се обезбеди ефикасно наводнување на земјоделските површини, да се запази сезоната за наводнување и очекуваниот принос од околу 30 илјади тони на земјоделски култури. Се работи за непристапен терен, за систем за наводнување кој е оставен на забот на времето 50 години и за среќа во државата имаме и изведувачи и професори од Градежниот факултет, кои во најкраток период успеаја да најдат решение, кое веднаш тука ќе биде направено“, рече премиерот Ковачевски, при денешниот увид во Росоман.  

Премиерот се заблагодари на брзата реакција на ресорното министерство и ги увери жителите од овој крај дека ќе се реши проблемот.

„Знаеме колку е важно за една квалитетна реколта да се има навремено наводнување на површините и на земјоделците им порачувам, да не се грижат, системот набрзо ќе се стави во функција и вода за наводнување ќе има. Затоа ставаме силен фокус на капиталните инвестиции во водостопанската инфраструктура, односно на реконструкција и изградба на модерни системи и брани за наводнување. Овие инвестиции значат намалување на трошоците и загубите во производството, а од друга страна, ќе влијаат на зголемување на производството на храна и создавање на модерно и европско земјоделство“, истакна премиерот Ковачевски.

Премиерот издвои неколку клучни капитални инвестиции, при тоа спомнувајќи ги браната „Конско“ во вредност од 40 милиони евра, како најголемиот капитален проект за водоснабдување во последните 50 години. Тој, исто така, ги потенцираше изградбата на хидросистемот „Равен-Речица“, како и изградбата на браната на Оризарска река во Кочани и планираните четири системи за наводнување во државава.

„Со овие инвестиции решаваме децениски проблеми на земјоделците, обезбедуваме навремено и квалитетно наводнување на посевите. Нашата цел е да имаме повеќе домашна храна, да создадеме модерно и конкурентно земјоделско производство, со мотивирани и задоволни земјоделци“, изјави премиерот Ковачевски.

Премиерот потенцира дека со правилни политики Владата успеала да ја отвори земјата кон повеќе ЕУ фондови и дека денес Северна Македонија е лидер по искористеност на средства од ИПАРД програмата со високи 97% искористеност. Со новата ИПАРД 3 програма, како што истакна премиерот, Европската Комисија ги зголеми средствата за 62%, со која на располагање земјата има неповратни 97 милиони евра од ЕУ. Тој ги охрабри земјоделците да ги користат овие програми.

„Оваа година започна најголемата реформа во земјоделството, за прв пат, по европски терк, се воведе новиот „decoupling систем“ за распределба и исплата на субвенциите. Земјоделците имаат авансна исплата на субвенциите, за да ги имаат парите тогаш кога им се најпотребни, да можат навреме да се подготват за новата производствена сезона, да можат да вложуваат во модернизирање и зголемување на производство“, рече премиерот Ковачевски.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски им порача на земјоделците дека времето на загриженост е зад нив.

„Сезоната е спасена, а род ќе има! Во текот на целиот период на овие случувања бевме на иста линија со вас и вашите потреби, вашата дејност е најважна за нас, без вас нема развој на економијата, нема развој на општеството и државата, вие сте нашиот приоритет, а ние сме секогаш тука за да создаваме погодна клима за вашето работење“, истакна министерот Николовски. Тој додаде дека овој регион ќе биде потпомогнат со откуп на домашно овошје директно од земјоделските производители.

Градоначалникот на Росоман, Стојан Николов потенцираше дека и покрај тоа што се работи за потешко пристапен терен, работите се одвиваат со добра динамика. Градоначалникот Николов изрази голема благодарност до премиерот Ковачевски и до министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Николовски за брзото изнаоѓање на решение и реализација на санацијата.

„Уште еднаш Владата покажа дека навистина се грижи за земјоделците и со реализација на ова решение ќе го спасиме земјоделието во Општина Росоман и Градско од пропаст“, изјави градоначалникот Николов.

Професорот Петко Пеливаноски од Градежниот факултет во Скопје истакна дека се одѕвале на поканата од ресорното министерство да помогнат во изнаоѓање техничко решение. Причина за оштетувањето според него, е староста на цевководот, како и деформација на мостот по кој поминува цевководот. Пеливаноски нагласи дека санацијата мора да биде направена многу брзо.


Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски го посети Росоман, каде беше на увид на санација на дефект на цевководот „Макарија“ на хидромелиоративниот систем Тиквеш.

Во продолжение ви ја пренесуваме интегралната изјава на премиерот Ковачевски:

„Почитувани жители на Росоман,

Почитувани гости и претставници на медиумите,

Денеска, сум тука во Росоман, во увид на стартот на санација на оштетениот дел  од системот „Макарија“ за наводнување, со цел најбрзо што може да се стави повторно во функција за наводнување на земјоделските површини.

Во моментов, фирмата изведувач интензивно работи на санирање  на дефектот, и очекувам тоа брзо да се заврши, со што повторно ќе може да се обезбеди ефикасно наводнување на земјоделските површини, да се запази сезоната за наводнување и очекуваниот принос од околу 30 илјади тони на земјоделски култури.  

Самите можете да се уверите дека се работи за непристапен терен, за систем за наводнување кој е оставен на забот на времето 50 години и за среќа во државата имаме и изведувачи и професори од Градежниот факултет, кој во најкраток период успеаја да најдат решение, кое веднаш тука ќе биде направено. 

Системот „Макарија“ е од исклучителна важност за наводнување на земјоделските површини во росоманскиот регион, што е клучно за земјоделците да ги добијат очекуваните приноси и да имаат квалитетни производи за продажба. 

Затоа, веднаш откако се случи оштетувањето, на владина седница, донесовме одлука за брза санација на цевките, за што се обезбедија над 1,3 милиони евра. 

Во оваа прилика, сакам да се заблагодарам на ресорното министерство, на министерот Николовски, на сите негови колеги кои заедно со Водостопанство и  професори од Градежниот факултет Скопје, веднаш подготвија конкретен предлог за решение на цевководот „Макарија“. Со предложениот проект, ќе се обезбеди доволно количина на вода за наводнување на пријавените површини од 2.000 хектари, за оваа сезона.  

Знаеме колку е важно за една квалитетна реколта да се има навремено наводнување на површините, и на земјоделците им  порачувам, да не се грижат, системот набрзо ќе се стави во функција и вода за наводнување ќе има.  

Зголемувањето на домашното земјоделско производство е директно условено од навремено и квалитетно наводнување на посевите. Затоа ставаме силен фокус на капиталните инвестиции во водостопанската инфраструктура, односно на реконструкција и изградба на  модерни системи и брани за наводнување. Овие инвестиции значат  намалување на трошоците и загубите во производството, а од друга страна ќе влијаат  на зголемување на производството на храна и создавање на модерно и европско земјоделство.

Тука би издвоил неколку клучни инвестиции, како што е браната „Конско“ во вредност од 40 милиони евра, чија што изградба започна пред три и пол години и завршува годинава. Ова е најголемиот капитален проект за водоснабдување во последните 50 години и втор најголем било кога изграден во државава. Годинава завршува изградбата на хидросистемот Равен-Речица, продолжува изградбата на браната на Оризарска река во Кочани. Во фаза на планирање е Програмата за наводнување на Северна Македонија која вклучува изградба на четири системи за наводнување во рамки на речниот слив на Река Вардар и уште многу други проекти. Со овие инвестиции, решаваме децениски проблеми на земјоделците, обезбедуваме навремено и квалитетно наводнување на посевите. 

Нашата цел е да имаме повеќе домашна храна, да создадеме модерно и конкурентно земјоделско производство, со мотивирани и задоволни земјоделци  за што се прават низа на мерки од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.  

Со правилни политики, успеавме да ја отвориме земјата кон повеќе ЕУ фондови. Денес Северна Македонија е лидер по искористеност на средства од ИПАРД програмата со високи 97% искористеност, повисока дури и од некои членки на ЕУ. 
Со новата ИПАРД 3 програма, Европската комисија ги зголеми средствата за 62%, со која на располагање имаме неповратни 97 милиони евра од ЕУ. Сакам да ги охрабрам земјоделците да ги користат овие програми.

Оваа година започна најголемата реформа во земјоделството, за прв пат, по европски терк, се воведе новиот „decoupling систем“ за распределба и исплата на субвенциите. Земјоделците имаат авансна исплата на субвенциите, за да ги имаат парите тогаш кога им се најпотребни, да можат навреме да се подготват за новата производствена сезона, да можат да вложуваат во модернизирање и зголемување на производство, за што сте сведоци дека министерот секој ден оди на терен, во Битола беше, утре оди во Прилеп, каде што земјоделска механизација се доделува на земјоделците кои имаа аплицирано во текот на изминатиот период. 

Овие мерки и политики се вистинска грижа за цела една стопанска гранка, за нашите вредни земјоделци! И оваа поддршка за земјоделството продолжува, затоа што развојот на оваа гранка, е важен за да имаме домашно производство на храна, да не зависиме од увоз, да имаме развиена економија. 

Ви благодарам за вниманието и пред се сакам да се заблагодарам и на Љупчо и на изведувачите, секако и на пратениците во Собранието и на градоначалникот на Росоман, кои што навистина покажаа грижа и посветеност и дадоа се од себе да започнат веднаш работите на реконструкција на овој систем за наводнување. 

Ви благодарам“