Груевски: Посетата на Шведска во вистинско време, компаниите бараат места за инвестирање надвор од еврозоната
Состојбите во Македонија и во Шведска, поврзаноста, сегашната и идната соработка меѓу двете земји и македонските аспирации за членство во ЕУ и во НАТО, беа тема на денешната средба во Стокхолм на премиерот Никола Груевски со претседателот на шведскиот Парламент Пер Вестерберг.
- Ги запознавме и со детали за напредокот што Македонија го направи во однос на креирање добра бизнис клима, што наиде на голем интерес кај сите присутни и видовме оти за најголем дел од тие работи воопшто не се запознаени, изјави премиерот Груевски, кој со владиниот економски тим ја заокружи дводневната посета на Шведска.
Според Груевски, и на вчерашниот состанок со 60-ина бизнисмени заклучиле оти поголемиот дел од нив не ги знаеле условите за правење бизнис во Македонија. Тоа, нагласи, практично е и наша главна цел за доаѓање во скандинавските држави, односно да им ги кажеме поблиску предностите за правење бизнис во Македонија и да ги привлечеме да направат инвестиции во нашата држава.
Македонскиот премиер оцени дека посетата на Шведска е во вистинско време, а таков став изнела и шведската министерка за трговија Ева Бјорлинг. Посетата била во вистинско време, затоа што шведските компании свесни за кризата во еврозоната бараат локации за инвестирање надвор од еврозоната каде што би се чувствувале побезбедно, искоментирала Бјорлинг.
- Знаејќи ги овие информации што сега им ги даваме во однос на ниските трошоци за правење бизнис, ниските даноци, договорите за слободна трговија со сите држави на европскиот континент, стабилната монетарна политика што ја води РМ повеќе од 15 години и сите други податоци што ги добија навистина им прави еден сериозен интерес да ја посетат Македонија и одблиску да се запознаат со деталите за можностите за бизнис, како во целата држава, така и во технолошко индустриските развојни зони, изјави Груевски.
Комбинираната бизнис и политичка посета на Шведска, смета тој, завршила прилично успешно и постигнале повеќе од очекувањата. Покрај презентација на економските и инвестициските потенцијали на Македонија пред 60 компании, владината делегација на одделни средби со десетина од нив ги запознала со детали и одговарала на нивни специфични прашања поврзани со нивниот бизнис. Членовите на делегацијата синоќа имаа работна вечера и со повеќе други бизнисмени заинтересирани за инвестиции.
Вчера во Стокхолм македонскиот премиер се сретна со својот шведски колега, премиерот Фредрик Рајнфилд, како и со министерот за трговија Ева Бјорлинг и со претседателот и извршниот директор на Шведскиот трговски совет Улф Берг.
По Шведска, владината делегација замина за Финска, каде премиерот Никола Груевски треба да има средба со претседателот на Република Финска, Саули Ниинисто. Од Финска, владината делегација заминува за Копенхаген.
Покрај премиерот Груевски во состав на владината делегација се и вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски, министрите за привлекување странски инвестиции Веле Самак и Бил Павлески, како и заменик директорот на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот, Христијан Делев.