Владина делегација по повод Денот на Републиката - Илинден , положи цвеќе и во Смилево

Со положување цвеќе на могилата на Даме Груев, на Споменикот на Смилевските илинденци и на спомен плочата на смилевскиот партизански одред, во демирхисарското село Смилево, владина делегација во состав на заменик министерот за финансии Филип Николовски и националниоот координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка Роберт Алаѓозовски, оддаде почит на Смилевските Илинденци и партизани чија пожртвувана борба е вткаена во темелите на нашата државност.

Највисоките државни почести се одраз на сеќавањето на Смилевскиот конгрес, на кој била донесена конечната одлука за организирање и кревање на сенародно востание на целата територија на тогашна Македонија.

Со  положувањето цвеќе на трите спомен обележја во Смилево, посета на меморијалниот музеј на Смилевскиот конгрес и пригодна културно уметничка програма, граѓаните и државниот врв денеска  под мото „120 години Илинден - Огниште на татковината“, го слават големиот државен празник - Денот на Републиката 2 Август и Илинден.