Премиерот Груевски во Данска ги презентира можностите за инвестирање во Македонија
Владиниот економски тим предводен од премиерот Никола Груевски, денеска (четврток, 7 јуни 2012 година) во Копенхаген присуствуваше на бизнис форум во ко-организација со Данско-Турската Бизнис Федерација, на кој беа претставени економските и инвестициските потенцијали на Република Македонија пред околу шеесетина дански компании.
Премиерот Никола Груевски на почетокот од своето обраќање изрази благодарност за укажаната можност да се продлабочи соработката со претставниците на данската индустрија и трговија, токму во Копенхаген, во срцето на економијата, која храбро чекори по патеката на одржливиот и “зелениот“ економски растеж.
-За разлика од многу други економии, кои изворот на благосостојбата го најдоа во природните ресурси, Данска му покажа на светот дека е можен економски просперитет, првенствено, благодарение на квалитетните човечки ресурси, на знаењата и вештините. Со својот динамичен и флексибилен извозно ориентиран услужен сектор, со исклучително ниската стапка на невработеност и со релативно рамномерната распределба на доходот, данскиот народ успеа да го пронајде тешко достижниот баланс меѓу ефикасноста и праведноста, истакна премиерот Груевски .
Тој истакна дека ако се познаваат економските потенцијали и одличните пријателски односи на двете земји, постои увереност дека има огромни неискористени можности за трговска и инвестициска соработка. Токму овој форум е вистинскиот чекор во насока на нивно идентификување, со потенцирање на сеопфатните и темелни реформи на бизнис окружувањето, кои ги спроведува Владата на Република Македонија., истакна премиерот Груевски.
-Република Македонија го привлече вниманието на светската инвеститорска заедница со нејзиниот брз и сигурен поход кон првите три позиции на најреформски ориентирани земји, според угледниот „Doing Business“ извештај на Светската банка за 2012 година. Македонија сега се наоѓа на 22-та позиција во светски рамки, меѓу 183 земји, и е највисоко рангирана во однос на било која транзициона економија од Југоисточна Европа, потенцираше премиерот Груевски.
Македонската економија, повеќе години, во континуитет, се одликува со нагласена макроекономска стабилност и просечна стапка на инфлација од 2,5% во изминатава деценија, а со оглед на фактот што Република Македонија е мала, но отворена економија, која преку потпишаните договори за слободна трговија со Европската унија и земјите од ЕФТА и Југоисточна Европа (ЦЕФТА), како и со Турција и Украина, сега е дел од големиот европски пазар, со пристап до 660 милиони потрошувачи, посочи премиерот.
Тој истакна дека во делот на јавните финансии се спроведува политика на низок буџетски дефицит и претпазливо задолжување, при што владиниот долг во моментот изнесува 26% од бруто домашниот производ, додека нашата задолженост е приближно колку нивото на долгот на централната Влада на Данска, кој изнесуваше 23% од БДП на крајот на 2011 година. Освен тоа, воведовме низок и рамен данок од 10% (и за персоналниот доход и за добивката), целосно ја ослободивме од оданочување задржаната добивка и постепено ги намалуваме преткризните социјалните придонеси за една третина.
Премиерот Груевски посочи дека брзото закрепнување на македонската економија од глобалната економска криза и враќањето на стапки на економски раст од 5-6% во првата половина од 2011 година, како и приливот на странските директни инвестиции, се силна потврда на сеопфатните реформи за подобрување на вкупната бизнис клима.
Во своето обраќање тој се осврна и на значењето на образованието, при што истакна дека ако се има предвид дека динамичниот економски растеж во глобализираниот свет силно зависи од квалификациската структура на работната сила, повеќе години наназад, мојата земја силно инвестира во човечкиот капитал. -Не само што буџетските трошоци за образование се зголемени на ниво од 6% од бруто домашниот производ, туку и драстично се подобри пристапот до високото образование, особено до математичките, техничките и информатичките науки. Токму Данска е веројатно најдобриот пример дека инвестирањето во човечкиот капитал силно го забрзува економскиот растеж, посочи премиерот.
Во делот на надворешната политика, премиерот Груевски нагласи дека како највисок приоритет на Република Македонија, на политички и на економски план, секако, останува довршувањето на процесот на зачленување во НАТО и Европската унија.
На крајот премиерот Груевски изрази силна верба дека денешната средба ќе помогне во информирањето на потенцијалните инвеститори и трговски партнери за економските политики и можностите за инвестирање во Република Македонија, при што ги повика данските бизнисмени да ја посетат Република Македонија и да ги искористат нејзините компаративни предности, а Владата со сите ресурси ќе помогне тие проекти да се реализираат.
Презентација на форумот имаa и останатите членови на владиниот економски тим.
Вицепремиерот Пешевски детално ги запозна данските инвеститори со владините економски политики и со повеќе можности што ги нуди македонската економија, а пред присутните свои обраќања имаа и министерот за привлекување странски инвестиции Веле Самак, како и заменик директорот на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот, Христијан Делев.
Претходно за време на престојот во Копенхаген премиерот Никола Груевски оствари средби со премиерот на Кралството Данска, Хелен Шмит, со претседателот на Парламентот на Кралството Данска, Могенс Ликетофт, како и со претседателот на најголемата данска комора Данск Индустри, Ди Карстен Дибвад. Владиниот економски тим исто така оствари работна посета и на најголемата енергетска компанија во Данска „Донг Енерџи“.
Вечерва македонската делегација предводена од премиерот Груевски заминува за Осло, Кралството Норвешка, каде што за утре е предвидена средба со премиерот на Кралството Норвешка, Јенс Столтенберг, како и одржување на бизнис форум на кој ќе бидат претставени економските и инвестициските потенцијали на Република Македонија пред повеќе заинтересирани норвешки компании.