Попоски: Обединета Европа е невозможна без вклученоста на Македонија во неа

Клучната порака е дека обединета Европа е невозможна без вклученоста на Македонија во неа, изјави министерот Никола Попоски по говорот пред  Генералното собрание на Паневропската унија, што се одржува во Европскиот парламент во Стразбур.

- Тоа што е значајно на подолг рок е што покажуваме капацитет да дејствуваме како европејци на подолг рок. Денес почувствував, а мислам дека тоа го делеа сите присутни на Генералното собрание, дека Македонија во многу аспекти се однесува на исклучително  европски начин и придонесува за европскиот идеал дури и повеќе од некои фактори во самата Европска унија, рече Попоски.

Според него, таа порака и солидарност која мораме да ја покажеме кон идеалот за обединета Европа, мирна просепритетна и стабилна, е она што треба да не води и во иднина. - Таквите пораки се добредојдени и мислам дека заедно треба да работиме во тој правец,  додаде министерот Попоски во однос на делот од говорот на францускиот европратеник и претседател на групата на Народните партии во Европскиот парламент, Жозеп Дол.

Имено Дол, пред учесниците на Генералното Собрание на Паневропската унија во Стразбур, јасно рече дека „Ние не можеме да го блокираме влегувањето на Македонија во ЕУ, само поради прашањето за името!“

На Генералното Собрание на Паневропската унија учествува и македонскиот парламентарец Антонио Милошоски, поранешниот македонски министер за надворешни работи.
 
Меѓународната Паневропска унија се смета за најстаро европско обединувачко движење, основано од страна на Ричард Куденхове-Калерги. Нејзините членови се стремат кон политички, економски и воено обединета Европа како заедница на мир, закони и слобода. Годинава таа ја одбележува 90-годишнината од нејзиното основање.