Владата на Република Северна Македонија донесе Одлука за посебни услови за трговија на одделни стоки, определување највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало, како и обврска на трговците да прибавуваат определени видови и количества одделни стоки на потрошувачите, според определен редослед.
Со одлуката се определуваат посебните услови за трговија, највисоките цени во трговијата на мало, како и обврската на трговците кои претставуваат правни и физички лица и кои се регистрирани за вршење дејност производство и за вршење дејност трговија на големо и на мало во соодветен регистар согласно со закон, да ги прибавуваат и продаваат следните производи/стоки:
1) ориз бел, во пакување од 900 гр до 1 кг;
2) брашно пченично тип 400 и тип 500;
3) бел и полубел леб, векна, индустриски тип 450 гр (цел и на парчиња), со исклучок на свежо печен леб во маркетите;
4) други пекарски производи;
5) бисквити „Petit Beurre” и бисквити обични и посни од 300 до 500 гр;
6) наполитанки, со фил од какао крем (обични, непрелиени) од 300 до 500 гр;
7) тестенини (макарони и шпагети од тврда пченица, обични) без и со јајца од 500 гр;
8) јунешко месо без коски, од бут или некој друг дел;
9) свинско месо без коски, од бут или некој друг дел;
10) мелено месо свинско и јунешко;
11) пиле свежо или замрзнато (цело);
12) пилешки стек свеж или замрзнат;
13) чаен колбас (јунешки, свински и говедски) без додатоци и без слајс пакување;
14) пилешка посебна салама (без слајс пакување);
15) паштета од џигер и пилешка (без додатоци) во пакување од 95 и 100 гр;
16) трајно кравјо млеко (освен органско млеко и млеко со додатоци) со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%, во пакување од 1 л;
17) јогурт од кравјо млеко обичен (без додатоци) со масленост од 2,8% до 3,2%, во пакување од 1 л и 1,5 л;
18) кисело кравјо млеко (обично, без додатоци) со масленост од 2,8% и 3,2%, во пакување од 300 до 500 гр;
19) павлака од кравјо млеко со масленост од 12% до 20%, во пакување од 180 или 200 гр;
20) традиционално кравјо бело сирење и мешано бело сирење (без додатоци);
21) традиционален кравји и мешан кашкавал (без додатоци);
22) свежи јајца од кокошка;
23) свежо овошје и
24) свеж зеленчук.
Највисоките цени овие производи/стоки се утврдуваат на нивото на цените (со исклучок на цените на акциска продажба), коишто се применувале на 1 август 2023 година, во трговијата на мало, односно цените на овие производи се намалуваат за најмалку 10%.
Трговците за вршење дејност трговија на мало, производите/стоките што се предмет на оваа одлука и коишто се поставени на полиците, фрижидерите и во разладните уреди, треба јасно да ги обележат со натписот „гарантирана цена”, што е објавен на веб-страницата на Министерството за економија.
Трговците за вршење дејност - производство и за вршење дејност - трговија на големо, имаат обврска, производите/стоките посочени во оваа одлука, да им ги продаваат месечно на трговците за вршење дејност - трговија на мало, во количина од најмалку 70% од количината продадена во месец август 2023 година.
Одлуката е донесена имајќи ги предвид состојбите на пазарот од страна на учесниците во ланецот на трговија на големо и на мало, коишто, според предлагачот на Одлуката, Министерството за економија, предизвикаа сериозно зголемување на цените на основните прехранбени производи.
Следејќи го растот на цените на домашниот пазар и потрошувачката моќ на граѓаните, оценето е дека за заштита на животниот стандард на населението е потребно повторно да се ограничат цените на слободниот пазар на одделни прехранбени производи, коишто се доминантни производи за конзумирање и за коишто Државниот завод за статистика објавува месечни статистички податоци за мерење на трошоците за живот.
Целта на владината Одлука е да се спречат натамошни пореметувања на пазарот и да се отстранат штетните последици од пореметувањето на пазарот во поглед снабдувањето на населението со основните прехранбени производи.
Оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а ќе се применува до 30 ноември 2023 година, со можност за продолжување доколку состојбата на пазарот и понатаму го бара тоа.
Владата, на предлог на Министерството за економија, донесе и Одлука за дополнување на Одлуката за забрана на трговците да вршат трговија со одделна стока.
Со Одлуката, им се забранува на трговците на мало да нудат акциска продажба (акција) и промотивна продажба (промоција) при ставањето во промет на земјоделски и прехранбени производи. Забраната ќе важи до 30 ноември 2023 година.
Воедно, одлучено е, цените во трговијата на мало, коишто се намалуваат поради истекување на рокот на земјоделските и прехранбените производи, да не се сметаат за акциска продажба (акција).
Оваа Одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија.
Владата, на денешната седница ja разгледа и усвои Информација за потребата за изработка на Национална Стратегија за безбедност на Република Северна Македонија и донесе Одлука за формирање Управен комитет за координација и изработка на Национална стратегија за безбедност на Република Северна Македонија, во којшто ќе учествуваат претставници на Владата и сите министерства како и од Канцеларијата на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија.
Националната безбедност е основа за просперитет на државата. Само безбедна средина може да обезбеди функционирање на зрел и демократски уставен поредок, одржлив економски раст, заштита на човековите права и слободи и одржливост на граѓанското општество. Со оглед на изменетите околности во безбедносната средина настанати на европскиот континент, меѓу кои и воената агресија врз суверена и демократска држава на европскиот континент, како и постојаната закана од активни малигни актери и нивните обиди директно или индиректно да ја влошат постојната рамнотежа, постојат повеќе прашања околу обезбедувањето храна, енергија и клучни суровини, што влијаат врз стабилноста и потенцијалот за развој на одделни земји и региони, коишто треба да се разгледаат од призма на сегашниот геополитички и безбедносен контекст.
Владата, на денешната седница го разгледа и текстот на Предлог законот за амнестија предложен од страна на Министерството за правда. По разгледувањето на состојбите во областа што треба да се уреди со законот, целите, начелата и основните и конкретни решенија опишани во текстот на Предлог законот за амнестија, Владата констатираше дека постои потреба од дополнително усогласување на Предлог законот за амнестија со надлежните институции.
На седницата Владата го задолжи Инспекцискиот совет на Република Северна Македонија итно да преземе мерки за решавање на статусот на општинските даночни инспектори преку издавање лиценци за работа, согласно Законот за инспекциски надзор, со што ќе се реши долгогодишниот проблем кој датира од 2019 година.
Со ова, Владата им овозможува на единиците на локална самоуправа преку општинските даночни инспектори, непречено да ги извршуваат своите работни задачи согласно законите и со тоа се подобрува инспекцискиот надзор врз даночните обврзници во единиците на локална самоуправа. На овој начин се придонесува кон зголемување на буџетот на општините, општините во градот Скопје и Градот Скопје.
Со ова Владата дава поддршка за унапредување на самостојноста во функционирањето на општините, во интерес на подобар живот на граѓаните.