Ковачевски – Штајнер: Поддршка од ОН за Северна Македонија како регионален центар на зелена енергија

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, придружуван од вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, во Њујорк, се сретна со Ахим Штајнер, администратор на Програмата за развој на ОН (UNDP) и ко-претседавач на механизмот за енергија на ОН (UN Energy).

На состанокот беше потенцирано значењето на ОН и на развојните мрежи на организацијата, како што е УНДП, којашто им помага на земјите членки во остварувањето на Милениумските развојни цели, глобалниот развој, заштитата на животната средина, во областа на енергетиката и др.
 
На средбата беа поздравени континуираната и конструктивна соработка на државата со УНДП и беше разговарано за политиките на Владата на Република Северна Македонија, што придонесоа за успешно справување со економската и енергетска криза.

 
Воедно беше посветено внимание на прашањето околу состојбите во енергетиката на глобално ниво, со оглед дека има тренд на зголемување на инвестициите во енергетскиот сектор, но и на зголемување на енергетски потреби поради случувањата во актуелната геополитичка констелација на односи, по војната во Украина.

Изразена е заедничка согласност дека зелена транзиција и декарбонизацијата е неопходно да бидат во фокус на владите на државите и на приватниот сектор, за да се забави постојаниот скок на климатските промени и да се осигура чиста и достапна енергија за сите, во интерес на сегашните и идните генерации.

Премиерот Ковачевски изрази поддршка на повикот за акција на ко-претседавач на ОН за енергија, Штајнер непосредно пред овогодинешниот Самит на ОН, за зголемување на инвестициите во обновлива енергија и осигурано напојување на економиите денес и во иднина. И посочи на ефикасните чекори ги презема Република Северна Македонија во енергетската транзиција и диверзификација, што придонесе во справувањето на земјата со енергетската криза и во градењето отпорност на регионот.

Во таа насока, премиерот Ковачевски соопшти дека Северна Македонија од почетокот на минатата година досега има издадено 600 лиценци за централи за обновливи извори на енергија, со што во државата денес има на мрежа 420 мегавати на централи кои што доминантно работат за производство на електрична енергија од сонцето, а очекувањата се дека до крајот на годината тој капацитет да достигне 600 мегавати.

Премиерот ја нагласи и најновата владина одлука за конечна реализација на тридеценската цел за изградба на хидроцентралата Чебрен, проценета инвестиција од околу милијарда евра, што ќе овозможи дополнителен инсталиран капацитет од најмалку 333 MW енергија.

„Ова се чекори кон енергетска независност на државата, за зајакнување на домашно производство на електрична енергија, но и придонес во заштитата на животна средина, поради што Северна Македонија веќе е препознаена како регионален центар на зелена енергија“, рече премиерот Ковачевски.

На средбата на премиерот Ковачевси со ко-претседавач на ОН за енергија, Штајнер се поздравени заложбите на Република Северна Македонија во обезбедувањето чиста енергија и во заштитата на животната средина. При тоа, разговарано е за можности за поддршка на нашата држава во делот на развојот на преносната мрежа со цел подготвеност за прифаќање на бројните апликации за изградба на фотонапонски и ветерни електрани, како и во заложбите за декарбонизација на економијата.


Изјава на премиерот Ковачевски по состанокот со ОН Енерџи – 21 септември 2022 година

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, придружуван од вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, во Њујорк, се сретна со Ахим Штајнер, администратор на Програмата за развој на ОН (UNDP) и ко-претседавач на механизмот на ОН за енергија (UN Energy).

Изјавата на премиерот во целост:

„Штотуку завршивме со успешна, продуктивна средба со г. Ахим Штајнер, ко претседавач на Обединетите Нации за енергетика, на која што разговаравме за предизвиците со кои се соочува целиот свет, а особено Европа во светло на војната која се води во Украина, во делот на енергетиката. 

Она за што разговаравме е навистина се успешните политики кои Владата на Р. Северна Македонија ги спроведува од почетокот на економската и енергетска криза, пред се во делот на обезбедувањето на електрична енергија без никаков прекин во текот на целата измината година, меѓутоа и обезбедување на субвенции и финансиски средства за најранливите категории на граѓани како и субвенционирање на цената на електрична енергија која е обезбедена за сите домаќинства и за сите компании на регулираниот пазар. 

Северна Македонија имаше најголем пакет на анти-кризни мерки во износ од 760 милиони евра и тоа според податоци на СБ, кој се однесуваше како поддршка за граѓаните, така и поддршка за компаниите во делот на справувањето со економската и енергетска криза. 
Исто така, беше истакната и нашата навистина успешна стратегија во делот на имплементацијата на зелениот договор и инсталирањето на се поголем број на централи за обновливи извори на енергија. Северна Македонија во моментов има од почетокот на минатата година, од јануари 2022 до денес издадени 600 лиценци за централи за обновливи извори на енергија, со што денес имаме на мрежа 420 мегавати на централи кои што доминантно работат за производство на електрична енергија од сонцето, а очекувањата се дека до крајот на годината тој капацитет ќе достигне 600 мегавати. 

Доколку се спореди со капацитетите за производство на електрична енергија со кои располагавме пред почетокот на овој голем бран на инсталирање на вакви централи за обновливи извори на енергија, се работи за навистина значајно и големо достигнување, што не прави држава – зелен хаб во регионот. 

И последното е, за што разговаравме, исклучително значајниот проект Чебрен којшто беше единствено на хартија како проект 5 децении, конечно оваа година после 13 неуспешни тендери, имаме избрано понудувач којшто е подготвен да инвестира во изградба на овој огромен енергетски капацитет кој ќе биде грчката ППС компанија и нивниот конзорциски партнер, при што ќе биде изградена реверзибилна хидроцентрала со капацитет од 333 мегавати која што покрај тоа што ќе биде еден од големите производители на електрична енергија во земјава исто така ќе биде користена и како централа во која ќе се балансираат вишоците кои што во одредени делови од денот ќе ги има од другите капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија. 

Инвестицијата е 1 милијарда евра која што ќе биде практично заедничко вложување на ЕСМ и на ППС и кои навистина ќе претставува реализација на една долгогодишна заложба која што нашите експерти, нашите политичари ја имале, меѓутоа која што благодарение на посветеноста и на работата на сите стручни служби кои што работеа на реализација на овој објект и на овој проект конечно стапува во фаза на реализација.