Со вкупна сум од над шест милиони денари се реализира реконструкција на улицата „Илинденска” со краци кон соседните улици во Росоман, потврди денеска министерот за локална самоуправа Ристо Пенов, кој заклучи дека оваа општина има голем потенцијал за развој и можности за подобрување на условите за живеење за граѓаните.
„Развојот на општините и подобрувањето на условите за живеење на граѓаните се наш приоритет и Министерството за локална самоуправа заедно со Бирото за регионален развој од Буџетот на државата секоја година финансираат проекти во речиси сите општини“, рече министерот за локална самоуправа Ристо Пенов по средбата со градоначалникот на општината Стојан Николов.
Министерот за локална самоуправа истакна дека сите општини имаат можност финансиски да бидат подржани од буџетските развојни програми на Министерството и на Бирото за регионален развој, но услов е да имаат добри проекти и комплетна проектна документација.
„Предност за општините е што преку овие буџетски програми можат да реализираат проекти кои што самостојно ги приоретизираат, но мора да се води сметка проектите да бидат корисни и одржливи, да имаат комплетна техничка документација и да гарантираат квалитетна изведба“, рече тој.
Пенов истакна дека општината може да користи средства и од ИПА Програмата на ЕУ за прекугранична соработка, при што ја нагласи потребата од подготвеност на општините да аплицираат на јавните повици со проекти кои што реално ќе ги подобрат условите за живеење и кои што ќе имаат поширока употребна вредност, а Министерството за локална самоуправа ќе им помогне со обезбедување на средствата за кофинансирање во вредност од петнаесет насто, со што општината ќе може да одговори на потребите на граѓаните без да го оптоварува сопствениот буџет.
Овој проект финансиски е подржан од Министерството за локална самоуправа со 5,5 милиони денари, а во реализацијата на проектот со сопствени средства од 609.000 денари учествува и општина Росоман.