Министерството за труд и социјална политика заедно со канцелариите на УНФПА во Република Северна Македонија со поддршката на Британската Амбасада ја започнаа кампањата „Сложувалка“ во пресрет на 16 денови активизам за борба против насилството врз жените. На официјалниот настан кој се одржа во Македонска Опера и Балет се обратија Заменик на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска и шефицата на канцеларијата на УНФПА во Република Северна Македонија, Афродита Шаља.
Вицепремиерот Фатмир Битиќи со своето обраќање го отвори настанот и го поврза името на кампањата „Сложувалка“ со добро структуриран, сеопфатен, сложен и посветен систем, склопен од многу делови може да одговори соодветно, да превенира и да заштити. Тој ги објасни законите, центрите за поддршка на жртвите како дел од делувањето на институциите за справување со насилството, меѓутоа се задржа на делот на личното делување во промена на општествената слика во однос на охрабрувањето и поддршката на жените.
„Да не дозволиме да станат или останат економски зависни, да не дозволиме да не се охрабрат да пријават, во тој процес, да не дозволиме двојна виктимизација, да не дозволиме да мислат дека е нивна вина или нивна судбина... да не дозволиме истата да ја пренесат на следните генерации. Денеска, пред вас покрај како вицепремиер стојам и како маж и татко. И јас сум активен сојузник на сите жени. Тоа го учам мојот син и тоа е наша обврска. Да ги учиме сите наши синови, дека борбата ни е заедничка, бидејќи сите сме дел од истата сложувалка, а во неа жените се сврзното ткиво“ истакна Битиќи.
Министерот Спасовски во своето обраќање истакна дека сѐ поголем број на жени се охрабруваат и ги пријавуваат случаите на семејно насилство, наспроти податокот дека до пред 5 години само 2% од жените кои доживеале насилство од партнерот, пријавиле во полиција сериозен инцидент, изјаснувајќи се дека домашното насилство треба да се реши во семејството, Спасовски истакна:
„Изминативе години, тргнувајќи од низата нови меѓународни и домашни законски промени, МВР организационо, професионално и стручно се прилагоди кон новите трендови и стандарди во третманот на насилството врз жената, поставувајќи стандардни оперативни процедури кои што опфаќаат еден широк спектар на активности, не само за идентификување и управување со ризиците, туку дополнително и за обезбедување на безбедноста на жртвата во сите фази на полициското постапување. Полицијата јасно ги препознава своето место и улога во целиот тој процес на превенција, заштита и гонење на сторителите на насилство врз жени, семејното и родово базирано насилство. И, секако, нашиот стремеж секогаш треба да биде насочен кон апсолутна институционална и кривично-правна нетолерантност кон оваа појава“.
Од страната на канцеларијата на УНФПА шефицата на канцеларијата Афродита Шаља ја објасни целта на овој мандат на оваа агенција на Обединетите Нации.
„Ставањето на крај на родово базираното насилство и унапредувањето на родовата еднаквост, преку пристап до сексуално и репродуктивно здравје и права, право на безбедност и живот без насилство, подобрено образование, соодветни политики на работното место, ќе резултира со поздрави семејства, посилни економии и поотпорни општества. Ова е во сржта на мандатот на УНФПА и посветено продолжуваме да работиме со партнерите се до целосно остварување на овие цели“ рече Шаља.
Обраќањата ги затвори министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска со охрабрувачки говор кон секоја жена која била жртва на било каков вид на насилство.
„Верувам дека секоја од вас го почувствувала гневот во себе за неможноста да ја заштити другарката, колешката од насилникот, но и од немоќта да ја убеди да го напушти насилството токму во мигот на доверување, на слабост и на солзи. Затоа горда сум што ќе кажам дека не говориме само овие денови за борба со насилството врз жените и девојките, ниту јас, ниту моите колеги од Владата. Говориме цела оваа година која изминува. Оваа година ги охрабрувавме жените да бидат „Гласни и Храбри “ зошто тоа како општество ни треба, да „Остават траг“ зошто се моќни и единствени, и да се охрабрат, да исчекорат и да станат цврст дел од нашата заедничка „Сложувалка“ во која сите сме еднаков дел, цврст, храбар, силен и нераскинливо поврзан со другите“ изјави Тренчевска.
Таа го заврши својот говор со повик на сите чинители во општеството да бидат дел од сложувалката, да охрабруваат, поддржат и да го пријават насилството. Повика на заедничка борба за осветлување на мракот од насилството за сите жени деца и за сите девојки кои живеат во сенката на молкот и стравот и за оние жени кои во оваа борба ги изгубија своите животи.