Ковачевски-Тренчевска: Грижата за пензионерите е наш приоритет, со новите мерки го штитиме стандардот на највозрасните

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски и министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, денеска одржаа средба со здруженија на пензионери, на која што се разговараше за поддршката за пензионерите предвидена со новиот деветти пакет антикризни мерки.

Премиерот Ковачевски на средбата ги информираше пензионерите, дека мерките стапуваат на сила од денеска, како и за начинот на исплата.

„Нам ни е важно да го заштитиме животниот стандард на пензионерите со најниски примања, ветивме поддршка за нив и ја исполнивме. Со новиот пакет антикризни мерки во наредните 5 месеци пензионерите со пензија до 14.000 денари ќе добиваат по 3.000 денари месечно, оние кои имаат пензија од 14.000 до 16.000 денари, ќе имаат поддршка од 2.000 денари во наредните 5 месеци, и пензионерите со примања од 16.000 до 19.000 денари, ќе имаат поддршка од 1.500 денари месечно во наредните 5 месеци. За оваа поддршка се предвидени 35 милиони евра, и со нејзе се опфатени над 187.000 пензионери. И ова е само дел од низата мерки што како Влада ги реализираме за пензионерите. Нашата поддршка за пензионерите е континуирана, и секоја мерка е креирана заеднички во соработка со здруженијата, со сојузот и согласно нивните интереси, се разбира согласно со можностите на фондот и Буџетот на државата“, изјави премиерот Ковачевски.

Министерката Тренчевска посочи дека продолжува креирањето на политики кои го подобруваат животниот стандард на највозрасната категорија на граѓани и овозможуваат стабилност и континуитет во Пензискиот систем.

„Со донесувањето на деветтиот пакет на антикризни мерки покажавме дека имаме слух за потребите на пензионерите. Со овие мерки ја задржавме стабилноста на фондот, денес се исплатија пензиите навремено и ќе продолжат да се исплаќаат и во наредниот период. Носиме системски решенија за добри резултати на долг рок“, изјави министерката Тренчевска.

При тоа, премиерот Ковачевски и министерката Тренчевска, посочија дека со воведувањето на новата методологија е обезбеден постојан раст на пензиите.

Просечната пензија денес изнесува  20.100 денари што е за 6.400 денари повеќе во однос на 2016 година, односно за 50%. Минималната пензија денес изнесува 13.150 денари, што е за 4.300 денари повисока во однос на 2016 година.

Во 2019 година со измени на Законот за социјална заштита, се воведе социјалната пензија, која  ги опфаќа лицата над 65 години, кои немаат никаков приход, и не можат по друг основ да остварат пензија.  По примерот на Законот за минимална плата во државата, со закон ќе се  утврди и минималната пензија.

Во 2024 година годишниот буџет за пензии ќе биде најголем досега, односно 1,36 милијарди евра, 560 милиони евра повеќе од 2016 година. Со тоа, од 2017 година заклучно со 2024 година оваа Влада само за пензии ќе исплати 8,5 милијарди евра.


Изјава на премиерот Ковачевски по завршување на средбата со претставници на здруженијата на пензионери Скопје

„Почитувана министерке за труд и социјална политика, Тренчевска, 
Почитувана претседателка на Сојузот на здруженија на пензионери, Трајкова,
Почитувани медиуми,

Денеска со министерката Тренчевска и заедно со претседателката на сојузот на здруженија на пензионери, имавме   исклучително плодна дискусија со здруженијата на пензионери, разговаравме за поддршката од новиот деветти пакет антикризни мерки, како и за предлозите и прашањата што се од нивен интерес.
Грижата за пензионерите е секогаш наш приоритет и ми беше драго што оваа средба се одржува токму денеска, кога и стапуваат на сила мерките од новиот пакет.
Уште на почетокот на мојот мандат, ветив дека никого нема да оставиме сам да се справува со кризата. Јас сум човек кој ги исполнува ветувањата, и стојам зад секоја моја изјава која ја сум ја дали тоа не се празни, популистички ветувања, тоа се ветувања што се реализираат.   

Неделава го донесовме новиот деветти пакет антикризни мерки во вредност од 662 милиони евра, кој покрај мерките за најранливите категории на граѓани, за младите, за компаниите, содржи и мерки за пензионерите со ниски примања. 

Нам ни е важно да го заштитиме животниот стандард на пензионерите со најниски примања, ветивме поддршка за нив и ја исполнивме.

Така, со новиот пакет антикризни мерки во наредните 5 месеци пензионерите со пензија до 14.000 денари ќе добиваат по 3.000 денари месечно, оние кои имаат пензија од 14.000 до 16.000 денари, ќе имаат поддршка од  2.000 денари во наредните 5 месеци, и пензионерите со примања од 16.000 до 19.000 денари, ќе имаат поддршка од 1.500 денари, месечно во наредните 5 месеци. 

За оваа поддршка се предвидени 35 милиони евра, и со нејзе се опфатени над 187.000 пензионери.

И ова е само дел од низата мерки што како Влада ги реализираме за пензионерите. Нашата поддршка за пензионерите е континуирана, и секоја мерка е креирана заеднички во соработка со здруженијата, со сојузот и согласно нивните интереси, се разбира согласно со можностите на фондот и буџетот на државата.

Воведовме нова методологија со која  обезбедивме постојан раст на пензиите, на минималната и на просечната пензија, за сите 330.000 пензионери, согласно растот на трошоците за живот и растот на просечната плата.

Со оваа нова методологија на пресметка на пензиите, пензиите веќе пораснаа во просек за 5.000 денари во однос на тоа што изнесуваа, и  ќе продолжат да растат во иднина.

Денес, просечната пензија 20.100 денари што е за 6.400 денари повеќе во однос на 2016 година, односно за 50%. Само во една календарска година, односно во година и половина имаме 24-процентно покачување на пензиите.  Во 2016 година, во време на претходната влада на ВМРО ДПМНЕ, просечната пензија изнесувала 13.754 денари или нешто над 200 евра.

Минималната пензија денес изнесува 13.150 денари, што е за 4.300 денари повисока во однос на 2016 година. Денес минималната пензија е еднаква на просечната пензија од тоа време.

Владата одговорно и доследно одговара на потребите на граѓаните и затоа во 2024 година годишниот буџет за пензии ќе биде најголем досега, односно 1,36 милијарди евра ќе бидат наменети за пензиите, тоа е 560 милиони евра повеќе од 2016 година. 

Од 2017 година заклучно со 2024 година оваа Влада само за пензии ќе исплати 8,5 милијарди евра. Сума која досега ниту една Влада ја нема исплатено.
Секогаш кога имало потреба, креиравме мерки за помош на пензионерите. Во услови на криза предизвикана од КОВИД пандемијата и во услови на економско-енергетска криза, секој пакет антикризни мерки содржеше поддршка за пензионерите. 

Во 2019 година со измени на Законот за социјална заштита, се воведе социјалната пензија, која  ги опфаќа лицата над 65 години, кои немаат никаков приход, и не можат по друг основ да остварат пензија.  Не само што ја воведовме оваа социјална пензија туку и истата секој јануари се усогласува и следува нејзин пораст. 

По примерот на Законот за минимална плата во државата, со закон ќе ја утврдиме и минималната пензија, за што работната група под водство на МТСП Тренчеквска, нејзините колеги, со учество на претставници на сојузот на здруженија на пензионери ги разгледуваат предлози за прашањето за најниската пензија веќе работи на прашањето. Како што осигуравме минимална плата, така ќе осигуриме и минимална пензија. 

Заедно со министерството за труд и социјална политика ќе продолжиме да креираме политики кои го подобруваат животниот стандард на највозрасната категорија на граѓани и овозможуваат стабилност и континуитет во Пензискиот систем и на пензискиот фонд. 

Секогаш ќе бидеме тука за пензионерите и ќе продолжиме да работиме на подобрување на животот на пензионерите. 

Како одговорна Влада, подеднакво се грижиме за заштита на стандардот на сите граѓани. Исто така од денес како што најавивме веќе е воведена и евтината дневна тарифа на струја која најмногу им помага на пензионерите и од 13  до 15 часот повторно се воведува евтината тарифа на струја која му штеди на граѓаните 1000 денари месечно во нивниот буџет. 

Ви благодарам.“