На вчерашната седница Владата, на предлог на заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, ја усвои новата Стратегијата за транспарентност на Владата на Република Северна Македонија, со Акциски план 2023-2026 година.
Стратегијата беше подготвувана низ еден широк и сеопфатен процес, во кој беа вклучени и претставници од државните институции, од Здружението на новинари на Македонија, од невладиниот сектор, како и експерти од областа, со поддршка и во соработка со Фондацијата Метаморфозис, преку проектот „Транспарентност и отчетност на државните институции во РСМ“.
Приоритетни области во новата Стратегија се унапредување на активната транспарентност; унапредување на пристапот до информации од јавен карактер; на фискалната транспарентност на Владата и другите органи на извршната власт; унапредување на дигиталните можности на институциите за олеснување и автоматизирање на процесот на отворање на податоците; зајакнување на механизмите за отчетност за креирањето на политиките.
Предлог текстот на Стратегијата беше објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи – ЕНЕР, а беа организирани и две јавни расправи, по што забелешките беа земени предвид во подготовката на конечниот текст.
Во Акциониот план за 2023-2026 година подетално се разработени мерки, конкретизирани со активности, временската рамка за имплементирање, проценката на потребните финансиски средства за имплементирање на активностите, носител на активноста, како и вклучени институции за спроведување на активноста.
Тригодишната Стратегија за транспарентност кореспондира и со Националната Стратегија за спречување на корупција и судир на интереси (2021-2025), бидејќи се однесува и на транспарентноста на процесот на креирање политики и подигнување на свеста за проактивно учество во процесите на останатите чинители во општеството.