Фестивал на францускиот филм во Охрид од 30 јуни до 5 јули

Историскиот филм „Збогување со кралицата“ на Беноа Жако в сабота во Охрид ќе го отвори 5. Фестивал на францускиот филм, на кој до 5 јули ќе бидат прикажани девет жанровски разновидни и 12 кратки филмови од најновата француска кинематографија.

Наградата за животно дело годинава ќе му биде доделена на режисерот Жак Дојон. Тој е почесен гостин на фестивалот, кој во четвтрок ќе заврши со неговиот филм од 1979 „Никаквица“. 

Ќе гостуваат и режисерите Ева Јонеско, Артур Шелтон, Лејла Фреже, актерите Елоди Навар, Пјер Клуе, Абрахам Белага...Жирито е тричлено и со него ќе претседава македонскиот режисер Антонио Митриќески.

Амбасадорот на Франција во Македонија Жан Клод Шлумберже на прес-конференција рече дека во изминатите четири години фестивалот се етаблирал во престижна филмска манифестација.

- Оваа авантура почна како поддршка на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА и продолжува и натаму на наша голема радост. Фестивалот обединува енергија, талентирани уметници и амбициозни луѓе, рече Шлумберже. 

Пред вечерните проекции ќе бидат прикажувани кратките филмови од млади француски режисери. Како и во изминатите години, ќе има разговори за филмовите со гостите на фестивалот, а таа непосредна комуникација со публиката, рече Шлумберже, е специфичност на овој фестивал.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека фестивалот ја зацврстил соработката меѓу францускиот и македонскиот филм и меѓу уметниците, режисерите, продуцентите од двете земји и оти овозможил размена на искуства со земјата која, рече таа, е лидер на европската кинематографија.

- Фестивалот е вистинска ревија на најдобрите француски остварувања кои во светските филмски кругови станаа препознатливи по својата естетска и драматуршка димензија. Преку Фестивалот на францускиот филм во Охрид македонските автори добија можност да проникнат во убавината на подвижните слики... Македонија има длабоки врски со францускиот филм. Првите проекции во Битола во 1897 година прикажувале кадри токму од Франција, истакна Канческа-Милевска.

Во изминатите четири години гости на фестивалот во Охрид беа шеесетина француски синеасти. Наградата за животно дело ја добија Клод Лелуш, Шарл Азнавур, Паскал Тома и Ив Боасе. Годинашниот лауреат Жак Дојон е автор на над 30 филмови и добитник на голем број фестивалски награди.