Ставрески ќе копретседава со Македонско-руска комисија за трговско-економска соработка

Заменик претседателот на Владата и министер за финансии Зоран Ставрески денеска и утре ќе копретседава со 6. Меѓувладина македонско-руска комисија за трговско-економска и научно техничка соработка која се одржува во Нижниј Новгород, Русија.

Во фокусот на Меѓувладината македонско-руска комисија ќе бидат секторот енергетика, напредокот во преговорите за приклучување на Македонија кон „Јужен тек“ и порамнувањето на клириншкиот долг со Русија преку проектот „Гасификација на РМ“.

Како што соопшти Министерството за финансии, на Комисијата ќе бидат разгледани и правците и перспективите за развојот на трговско-економската соработка меѓу Република Македонија и Руската Федерација, како и соработката во индустријата, транспортот, земјоделството, образованието, науката и туризмот.

Копретседавач на Меѓувладината комисија од руска страна е заменик-министерот за регионален развој на Руската Федерација Максим Травников.

Последната мешовита комисија беше одржана во октомври минатата година во Охрид.