Заменикот претседател на Владата задолжен за политички систем, Димовски денес оствари работна средба со амбасадорот на Република Чешка, Јарослав Лудва. На средбата, беа разменети мислења и ставови за актуелните политички и економски прашања во земјава и регионот, со посебен акцент на билатералните односи меѓу двете земји. Исто така беше потенцирано дека имплементацијата на стратешките проекти подразбира зајакнување на суверенитетот на земјата, но и на ЕУ, особено заради интеграција на регионот во целина.
Република Чешка во континуитет го поддржува процесот на пристапување на РСМ кон Европската Унија. Оваа поддршка се должи на традиционалното фокусирање на чешката надворешна политика кон овој регион, а воедно и на фактот што и самата е успешен пример на политиката на проширување. Заложбите на Чешка за процесот на проширување се отсликуваат и во нејзините активности од учеството во Вишеградската група. Република Чешка е дел од неформалната група Пријатели на Македонија, составена од земји членки во рамките на Советот на ЕУ, додека пак, во однос на Преговарачката рамка, Чешка силно се залагаше да не се внесуваат билатералните прашања.
Заменикот претседател на Владата, Димовски изрази благодарност за сегашната соработка нагласувајќи ја потребата од интензивирање на таквата соработка меѓу двете земји.