Почитувана Претседателка на Европската комисија, г-ѓа Урсула Фон дер Лајен,
Почитувани претставници на медиумите,
Дами и господа,
Дозволете ми најпрво да ја изразам мојата искрена благодарност до претседателката за нејзината посета и конструктивниот дијалог кој го водевме денес.
Нашата средба беше од исклучителна важност за иднината на нашата држава и за натамошно динамизирање на европските интеграции кои се врвен стратешки интерес, приоритет и цел.
Остануваме цврсто посветена како Влада на својот пат кон полноправно членство во Европската Унија.
Нашата визија е јасна, сакаме да бидеме дел од европското семејство, споделувајќи ги истите вредности на демократија, владеење на правото и почитување на човековите права.
Свесни сме дека пред нас стојат значајни предизвици. Реформите кои ги спроведуваме во областите на правосудството, борбата против корупцијата, економскиот развој и зајакнувањето на институциите се клучни за нашата иднина. Овие промени не се само услов за членство во ЕУ, туку се неопходни за подобрување на животниот стандард на сите граѓани.
Владата високо ја цени заложбата на претседателката за проширувањето на Европската унија во најскоро време.
Во овие услови на променета геополитичка ситуација во светот, нашата земја останува стабилен, сигурен и посветен партнер на ЕУ. Но, очекуваме Европската Унија заедно со нас да помогне во изнаоѓањето на начини како да продолжи нашиот европски интегративен пат, истовремено уважувајќи ги легитимните ставови на нашите граѓани дека во иднина нема да се соочуваме со барања кои се во длабока спротивност со идеите на кои што почива самата ЕУ.
Очекуваме од Европската Унија да го препознае нашиот напредок и да продолжи да ни дава поддршка во овој процес, многу е важна поддршката. Веруваме во принципот на фер и заслуги и верувавме дека нашите континуирани напори ќе бидат соодветно вреднувани.
Нашата цел е јасна, но патот до неа бара заеднички труд. Соработката, дијалогот и меѓусебното разбирање кои што се од суштинско значење. Убедени сме дека заедно можеме да ги надминеме сите пречки и да изградиме подобра иднина за нашите граѓани.
На крајот, сакам уште еднаш да изразам благодарност до претседателката на Европската Комисија за нејзината лична посветеност и поддршка.
Со нетрпение очекуваме да продолжиме соработката и да го забрзаме нашиот пат кон полноправно членство во Европската унија.
Ви благодарам.