Младите не би прифатиле работат на црно
Најголемиот дел од учениците во трета завршна и четврта година од средните училишта, односно 74 проценти не би прифатиле работа на црно заради тоа што таа е несигурна, спротивна на Законот и не ги гарантира работничките права, покажуваат резултатите од истражувањето направено во рамките на проектот „Одбиј работа на црно“ што го спроведуваа Министерството за труд и социјална политика и Министерството за образование и наука.
- По реализацијата на проектот можам да констатирам дека младите, односно поголемиот дел од нив можат да ја препознаат сивата економија. Целта е постигната, ние и натаму продолжуваме во насока на препознавање на сите облици на сивата економија и затоа денеска од овде на идните млади работници уште еднаш ќе им порачаме да одбијат работа на црно, рече министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.
На прашањето „Дали знаете дека за да работите мора да потпишете договор за работа и да бидете пријавени“, 91 отсто од средношколците одговориле потврдно, што, според спроведувачите на обуката, е добар предзнак дека тие ќе одбијат работа на црно откако ќе го завршат своето образование.
Повеќе од половината од нив, односно 56 проценти не се запознаени со Законот за работни односи, односно решенијата што се содржани во него, а речиси идентична е бројката на ученици кои не знаат дека постојат агенции за привремени вработувања, како можност да го регулираат вработувањето на пократок период.
Овој проект се реализираше во март и април годинава во 93 средни училишта во земјава.
Првично, како што нагласи министерот за образование и наука Панче Кралев, фокусот бил ставен на средните училишта заради фактот што учениците кои таму завршуваат најбргу се вклучуваат на пазарот на трудот, а со тоа и е поголема можноста ним да им биде понудена работа на црно. Подоцна проектот е проширен на сите средни училишта во земјава со цел младите што подобро да се информираат за работата на црно и во иднина да не ја прифаќаат.
Министерот за труд и социјална политика информираше дека во првите шест месеци од годинава направени се над 15.000 инспекциски надзори, во чии рамки е евидентирано 531 непријавено лице. Кон работодавачите, рече Ристовски, преземени се предвидените законски санкции и согласно законските обврски тие треба да ги пријават работниците и да им исплатат плати за три месеци.
И натаму, според Ристовски, области во кои има најмногу работници ангажирано на црно се градежништвото и туризмот. Во градежништвото, рече Ристовски, бројката се намалува, додека во областа на туризмот заради летната сезона таа има тренд на зголемување. Поради ова, истакна, продолжуваат интензивни контроли. Ристовски најави и контрола на ангажирањето на сезонски работници за извршување на земјоделски работи.