МФ: Буџетот за 2024 година реализиран согласно планираното, 2025 започнува ликвидно и стабилно

Приходите и расходите во Буџетот за 2024 година се реализирани на ниво над 96%, што е согласно со планираното во Буџетот. При тоа растот на приходите и расходите во однос на претходната година е околу 10%, а буџетскиот дефицит е понизок од планираното за 2,5 милијарди денари и е на ниво од 4,4% од БДП.

Вкупните приходи во Буџетот за 2024 година се реализирани во износ од 306,3 милијарди денари или 96,3% од планираното. При тоа приходите од даноци и придонеси се реализирани во целост односно 99,7%, додека само од даноци остварувањето е  99,2%. Кај данокот на личен доход има остварување од 101%, данокот на додадена вредност 103,8%,  кај данокот на добивка има оставрување од 95,6% и увозните давачки се со остварување од 95,3%.

Реализацијата на приходите во Буџетот е согласно планираното со Ребалансот. Податоците упатуваат на  ефикасна  наплата на приходите од страна на Управата за јавни приходи и Царинската управа. Така даночните приходи и придонеси се остварени во износ од 283,6 милијарди денари и учествуваат со 92,6% во структурата на вкупните буџетски приходи. Приходите од даноци во 2024 година се остварени во износ од 177,9 милијарди денари и се за 12,8% повисоки споредено со минатата година. Придонесите за социјално осигурување се остварени во износ од 105,7 милијарди денари и истите се за 14,1% повисоки од остварените во 2023 година.

Вкупните расходи во 2024 година се реализирани во износ од 348,5 милијарди денари  или 96,1% од годишниот план и се за 9,4% повисоки од буџетските расходи реализирани во 2023 година. Капиталните расходи во 2024 се реализирани во износ од 28,7 милијарди денари или 76,8 % од планираното. За реализација на проектот за изградба на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д беа реализирани 4,1 милијарда денари, односно буџетот за 2024 година наменет за тој проект во целост беше остварен. Дополнителни 21,2 милиони денари се реализирани за општинските проекти, како и 165 милиони денари за проекти за подобрување на општинските услуги преку МСИП со заем од Меѓународната банка за обнова и развој (Светска банка)и. Расходите за стоки и услуги се реализирани во износ од 22,9 милијарди денари или 88% од планираното. Трансферите кон општините преку блок дотации и дотации по основ на ДДВ се реализирани во износ од 30,9 милијарди денари и се повисоки за околу 3,4 милијарди денари во однос на претходната година, земјоделските субвенции се реализирани во износ од 9,2 милијарди денари и се во целост исплатени.

Особено е важен фактот дека буџетскиот дефицит е реализиран во понизок износ и дека тоа е дел од планот за фискална консолидација.

Буџетскиот дефицит со ребалансот на Буџетот беше проектиран на ниво од 4,9%, а во 2024 година е реализиран буџетски дефицит на ниво од 4,4% од БДП или во апсолутен износ понизок за 2,5 милијарди денари.  Исто така и јавниот долг ќе биде понизок од проектираното и најверојатно ќе биде на ниво од 62,2%. Оваа година започнува со ликвидни и стабилни јавни финансии.