Денеска во Министерството за европски прашања беше одржан состанок за координација на донаторската помош, со учество на претставници од ЕУ Делегацијата, дипломатските мисии и меѓународните партнери, со цел зајакнување на соработката и подобрување на ефикасноста во распределбата на донаторските средства во поддршка на Реформската агенда и европската интеграција на Северна Македонија.
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, нагласи дека со трансформацијата на Секретаријатот за европски прашања во Министерство за европски прашања, институцијата доби проширена улога. „Покрај процесот на пристапување и координацијата на ИПА и ЕУ фондовите, МЕП сега го предводи и процесот на координација на Планот за раст и Реформската агенда. Со оглед на ова проширување, клучно е да се унапреди организацијата на координациските механизми, да се избегне дуплирање на средства и активности, и да се обезбеди поголема ефикасност во користењето на донаторската поддршка.“ – нагласи МЕП Муртезани.
Во таа насока, Министерот потенцираше дека се унапредуваат постојните механизми, како што се секторските работни групи, размената на информации преку НПАА платформата и повторното воведување на презентации на донаторските стратегии. На состанокот беше отворена дискусија за подобрување на координацијата и поефикасно насочување на донаторската помош. Министерството за европски прашања останува посветено на зајакнување на партнерството со донаторите и создавање одржлив и ефикасен систем за координација.