Почитувани,
Продолжуваме со реализација на ветената поддршка на општините, во интерес на сите наши граѓани.
Со задоволство сакам да најавам дека многу наскоро, следната недела, ќе го објавиме вториот повик за финансиска поддршка на општините, со кој ќе поддржиме капитални инфраструктурни проекти во износ до 15 милијарди денари и со тоа значително ќе придонесеме за подобрување на квалитетот на живот на нашите граѓани.
Овој повик е продолжение на успешната реализација на првиот, кој веќе дава конкретни резултати.
Како што покажуваат фактите и ситуацијата на терен, пред нас е градежен бум во сите општини, во сите региони на нашата земја.
Дозволете ми накратко да ве информирам за резултатите од првиот повик со кој финансиска поддршка добија 288 проекти во 78 општини, со вкупна вредност од нешто повеќе 4,5 милијарди денари.
• 251 проект се веќе со склучен договор или се во завршна фаза од постапката, од кои педесетина веќе се реализираат на терен
• За 37 проекти се очекува почеток на тендерската процедура за избор на изведувач
Ова е показател дека реализацијата се одвива одлично.
Веќе е започната изградба на градинки, спортски игралишта, се санираат и градат улици, водоводни и канализациони мрежи...
Во однос на вториот повик, сакам да напоменам дека критериумите за учество во најголем дел ќе бидат исти како и за првиот, но и олеснети во поглед на рокот за поднесување на документи и за отпочнување на постапка за јавна набавка, односно ќе се одлучува врз основ на два критериума:
• по глава на жител на резидентното население во секоја општина согласно последниот попис
• и комплетноста на потребната проектна документација со сите потребни дозволи и согласности потребни за отпочнување постапка за јавна набавка, со ревидирана предмер пресметка не постара од 12 месеци
Право на учество имаат сите единици на локалната самоуправа, кои можат да аплицираат со еден или повеќе инфраструктурни проекти од различни области, односно од областа на:
• култура
• спорт
• животна средина
• патна инфраструктура (Министерство за транспорт и врски)
• социјална политика
• образование
Рокот за поднесување на апликативни формулари и проектна документација е до 30.04.2025 година.
И овој пат, за транспарентноста и следењето на целиот процес, формирано е владино координативно тело, кое што ќе го предводи Министерството за локална самоуправа и во истото ќе членуваат претставници од сите ресорни министерства.
Средствата ќе се доделат преку шесте ресорни министерства соодветни од областа на проектите.
Почитувани,
Оваа мерка е целосно насочена кон подобрување на животните услови на нашите граѓани и се базира исклучиво на реалните потреби на општините и нивните жители и е насочена кон вистински развој.
Нема ни грам политика во неа, а доказ за тоа се и резултатите од првиот повик, од кој се финансирани десетици проекти во општини чиишто градоначалници се од опозицијата.
И овој пат, ги охрабрувам сите градоначалници, без оглед на партиската припадност, да аплицираат за финансирање на проекти кои ќе придонесат за подобро утре на граѓаните.
Ветивме развој на општините, тоа и го реализираме.
Со овој повик го продолжуваме партнерскиот однос на Владата кон општините и секако кон граѓаните со цел да придонесеме за унапредување на инфраструктурата на локално ниво со директен импакт врз зголемување на економскиот раст, развојот во општините и зголемување на квалитетот на животот на сите наши граѓани.
Верувам дека градоначалниците веќе подготвено чекаат да ја искористат и оваа можност за аплицирање, што ќе придоенсе за уште поголем напредок на целата држава.