Нов контингент на АРМ замина во мировна мисија ИСАФ во Авганистан

Во касарната „Чеде Филипоски-Даме“ во Кичево денеска во присуство на министерот за одбрана Фатмир Бесими, началникот на ГШ на АРМ генерал–мајор Горанчо Котески и градоначалникот на Кичево Благоја Деспотоски свечено беше испратен контингент на АРМ од составот на првата механизирана пешадиска бригада (1.мпбр), во мировната мисија ИСАФ во Авганистан.

Командантот на контингентот потполковник Душан Станков во поздравното обраќање нагласи дека му претставува огромна чест и одговорност да го предводи овој состав кој во текот на подготовките постигна високи резултати во обучувањето за извршување на задачи за поддршка на мирот.

- Подготвени сме да докажеме дека припадниците на оваа единица се рамноправни  со своите колеги од другите армии кои моментално се во мисијата ИСАФ. Како командант на контигентот Ве уверувам дека  совесно и одговорно ќе ги извршуваме  задачите и со гордост и достоинство ќе го претставиме ликот  на припадникот на АРМ, рече Станков.

Заменикот на командантот, мајорот Љуљзим Нуредини, пак, дополни дека очекува повторно, како и досега припадниците на контингентот успешно да се носат со сите задачи, рамо до рамо со припадниците на останатите земји кои се дел од силите ИСАФ.

Според тоа што го истакна разводникот Данијела Ѓорѓиовска, и женскиот персонал – дел од контингентот, е целосно подготвен да одговори на сите задачи.

- Како претставник на петте припаднички во оваа ротација би истакнала дека ни претставува чест и задоволство што ќе бидеме дел од силите ИСАФ, и дека во текот на извршувањето на мисиите, доследно ќе ја претставиме Република Македонија, рече таа. 

Присутните ги поздрави и министерот Бесими кој изрази огромно задоволство од, како што рече, покажаната одважност да ја браниме гордоста и честа на АРМ далеку од своите домови. Тој им се заблагодари на припадниците на АРМ - мировници на сериозниот придонес што го даваат во прилог  на афирмацијата, позиционирањето и иманентноста на АРМ и на Република Македонија во светските процеси.

- Нашите 150 припадници во силите ИСАФ во Кабул, доаѓаат од една мала државa  на југот од Балканот, која има големо срце и докажана професинална армија.Тоа преставува респектибилна бројка гледано компаративно со сите други партиципиенти во оваа наша колективна задача, рече меѓудругото Бесими.

Во 13- та ротација на мировната мисија ИСАФ во која АРМ учествува со механизирана пешадиска чета, во Авганистан ќе заминат 149 припадници на 1.мпбр кои заедно со најстариот национален претставник ќе бидат распоредени во главната команда на ИСАФ во Кабул. Македонските мировници во наредните шест месеци задачите ќе ги изршуваат во рамки на контингентот на Армијата на Обединетото Кралство, каде што ќе бидат задолжени за обезбедување на главната команда на силите на ИСАФ во Кабул. Покрај ова, мировниците на АРМ во Кабул ќе извршуваат и сложени задачи како што се: патролирање и обезбедување на воената база и објекти од витално значење за животот на населението во Авганистан, борбено обезбедување на комуникации и области и други задачи во зависност од потребите на мисијата. Во оваа ротација ќе биде распореден и менторскиот тим за обука на Авганистанските безбедносни сили кој во истиот период задачите ќе ги извршува во Мазар-е-Шариф во рамки на регионалната команда Север, која е под команда на вооружените сили на СР Германија, а двајца старешини ќе бидат распоредени во Кабулскиот интернационален аеродром КАЈА.

АРМ во најголемата мисија на НАТО во Авганистан учеството со механизирана пешадиска чета го започна во јуни 2006 година кога во првата четна ротација беа упатени припадници од 1.мпбр. За досегашното професионално извршување на задачите, покажаната компатибилност и интероперативност со силите на Алијансата во мисијата ИСАФ, припадниците на АРМ од командата на ИСАФ и од високите командни структури на Алијансата, добиваат највисоки оценки, заради што уживаат висок рејтинг.