Вицепремиерот Николоски во видео разговор со Олекси Кулеба, заменик претседател на Владата на Украина, потпишана спогодбата за либерализација на билатералниот транспорт и транзит на стока

Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, оствари видео конференциска врска со Олекси Кулеба, заменик претседател на Кабинетот на министри на Украина.  
 
Двајцата потпретседатели во име на владите на двете земји го потпишаа Протоколот за измена на Спогодбата меѓу Македонија и Украина за меѓународниот патен превоз на патници и стока.
 
Со измените на Спогодбата се предвидува, двете земји да воведат либерализација за билатералниот и транзитниот превоз во меѓународниот патен превоз на стоки, односно истиот да се одвива без дозволи.
 
Дополнително, превозниците од двете земји да можат да вршат превоз за/од трети земји врз основа на дозволите што ги разменуваат Македонија и Украина во реципроцитет на годишна основа.
 
Во однос на билатералниот и транзитен превоз со евро стандард 2, останува да се врши согласно разменетите дозволи исто така на годишна основа.
 
Двете страни ја изразија подготвеноста за унапредување и развој и на превозот на патници.
 
Вицепремиерот Николоски истакна дека овие измени се во духот на одличните пријателски односи меѓу Македонија и Украина, пред се за зголемување на економската соработка, како и намалување на административните бариери во превозот на добра и патници.
 
Исто така, вицепремиерот Николоски ја истакна силната поддршка на Владата и македонскиот народ кон Украина и украинскиот народ, потенцирајќи ја подготвеноста за давање на континуирана помош.
Во својот меѓусебен разговор двајцата потпретседатели ги потврдија одличните односи меѓу двете земји, со заложба истите да се продлабочат во време кога за Украина следи период на опоравување од воениот конфликт.
 
Вицепремиерот Николоски во своето обраќање заклучи дека Македонија како земја членка на НАТО е рамноправен партнер во евроатланските процеси со што даваме силен придонес кон обезбедување на светскиот мир и безбедност.