Перински: Објавен е вториот јавен повик за финансиска поддршка на општините за реализација на инфраструктурни проекти

Почитувани медиуми,
Почитувани присутни,
Денеска, го објавивме вториот јавен повик за финансиска поддршка на општините за реализација на инфраструктурни проекти со вкупен износ на средства за финансирање до 15 милијарди денари.
Повикот е објавен на веб страницата на Владата и на Министерството за локална самоуправа, како и во дневни печатени медиуми на македонски и на албански јазик.
Право на учество имаат општините и општините во градот Скопје, кои можат да аплицираат со еден или повеќе инфраструктурни проекти од областа на културата, спортот, животната средина, патната инфраструктура, како и од областа на социјалната политика и образованието.
Заинтересираните општини треба апликативните формулари да ги достават до Министерството за локална самоуправа, а проектната документација до ресорните министерства од областа на проектот, најдоцна до 30 април 2025 година.
Распределбата на средствата ќе се врши врз основа на два критериума:
•    Резидентното население во општината согласно последниот попис
•    Комплетна проектна документација, со сите потребни дозволи и согласности потребни за отпочнување постапка за јавна набавка, со ревидирана предмер пресметка не постара од 12 месеци со што би се гарантирала непречена реализација на проектите
Накусо, да ја појаснам процедурата:
•    Апликативните формулари се доставуваат до Министерството за локална самоуправа најдоцна 30.04.2025 година
•    Владиното координативното тело за следење на проектите ги распределува поднесените апликации по јавниот повик до надлежните министерства
•    Надлежните министерства вршат евалуација на пристигнатите проектни документации, согласно утврдените критериуми, за што подготвуваат и до Министерството за локална самоуправа доставуваат извештај од извршена евалуација
•    Министерството за локална самоуправа, врз основа на извештаите од ресорните министерства подготвува и до Владата доставува збирен извештај за финансирање на предложените инфраструктурни проекти
•    Користењето на финансиските средства за инфраструктурни проекти на општините ќе се врши врз основа на донесена одлука од Влада на предлог на надлежното министерство во соработка со Министерството за локална самоуправа
Почитувани,
Веќе е познато дека целта на јавниот повик е да се доделат средства за проекти кои ќе придонесат за значајно унапредување на инфраструктурата во нашите општини, со директен позитивен импакт врз економскиот раст и квалитетот на животот на граѓаните.
Со реализацијата на овие проекти, очекуваме значајни подобрувања во секојдневието на нашите граѓани, зголемување на економската активност, како и унапредување на инфраструктурните капацитети на самите општините ширум државата.
Дозволете ми да напоменам дел од проектите кои добија средства на првиот повик:
•    изградба на детска градинка во Инџиково и спортска сала во основното училиште во Црешево - Општина Гази Баба
•    реконструкција на втора фаза на спортската сала „Работнички“ - Општина Центар
•    уредување и заштита на речно корито на Серава - Општина Бутел
•    изградба на водоводна и атмосферска мрежа во населба „Дижонска“ - Општина Чаир
•    реконструкција на Стара чаршија - Општина Гевгелија
•    санација на јавната површина позади ТЦ „Капитол“ - Општина Аеродром
Овој втор повик е продолжение на успешно спроведениот прв јавен повик кој веќе дава резултати на терен и е уште една потврда за нашата определба за унапредување и развој на сите единици на локалната самоуправа.