Минатата година вкупно 1,1 милион евра преку Министерството за транспорт беа доделени на општина Кавадарци за инфраструктурни проекти, а на наредната владина седница ќе се донесе одлука за дополнителни 1 милион евра за реализација на водоводни системи за две населени места во Кавадарци, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски при денешната работна посета во Кавадарци.
Вицепремиерот Николоски, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и градоначалникот на општина Кавадарци, Митко Јанчев, извршија увид во реконструкција на патниот правец Дабниште - Ресава, проект што се реализира од неповратните средства што Владата им ги додели на општините за реализација на капитални проекти.
Вицепремиерот Николоски истакна дека е објавен и вториот јавен повик и ги повика сите општини да аплицираат за нови неповратни средства за реализација на инфраструктурни проекти.
“Минатата година вкупно 1, 1 милион евра преку Министерството за транспорт беа префрлени на наменска сметка на општина Кавадарци, се реализираат веќе 5 проекти и сме во напредна фаза. За оваа година повикот беше отворен и очекувам во следниот период да дојдат апликациите, а она што можам да го најавам е дека на следната владина седница очекувам околу 1 милион евра дополнителни средства да поминат донација за водоводни мрежи кои што треба да бидат изградени во село Страгово и село Сопот кои што ќе помогнат за подобрување на животот на граѓаните. И уште една работа, ние во тек на месец јануари бевме во близина на Кавадарци и пуштивме дел од експресниот пат од Градско до Прилеп, односно делницата Градско-Дреново. Можам да кажам дека интензивно се работи на делницата Дреново - Фариш, на заштита на косини, на решавање на безбедносни проблеми и за многу скоро време можеме да видиме отворање и на таа делница”- изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.