Избрани најуспешните ученици – учесници во повикот за создавање творби на мајчиниот јазик

По повод 21 февруари – Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, Министерството за односи меѓу заедниците во соработка со Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците и Управата за афирмирање и унапредување на културата на припадниците на заедниците организирашe настан на кој присуствуваа добитниците на наградите од објавениот повик за доставување творби (поезија-проза) напишани на мајчиниoт јазик на учениците. 

Право на учество во повикот имаа сите ученици од шесто до деветто одделение, а еден од условите за учество беше творбите да бидат напишани на мајчиниот јазик на ученикот (македонски, албански, турски, ромски, српски, босански, влашки и/или други јазици), независно дали тој е застапен во редовната настава во училиштето. Темите на творбите беа по слободен избор на ученикот, со назнака да немаaт дискриминаторски елементи кон припадниците на другите заедници, нивниот јазик, вероисповедтa.

Најуспешните ученици и нивните ментори добија признанија и пригодни подароци.

„Светот денес го одбележува Меѓународниот ден на мајчиниот јазик - 21 февруари воспоставен од Обединетите нации и УНЕСКО во 1999 година, а во насока на промоција, негување и афирмација на сите јазици што ги користат народите во светот, како и за поддршка на имплементацијата на стратегиите и политиките во полза на различноста на јазиците во сите делови од светот, што е и наша цел и задача. Да изградиме општество, почитувајќи го правото на говорење и изучување на мајчиниот јазик на сите заедници, воедно и да работиме на креирање политики на рамноправност, спречување на секаков обид на дискриминација, јакнење на културните особености и промоција на соживотот во нашата земја која се карактеризира како повеќенационална и повеќејазична“, истакна заменик-претседателот и министер Иван Стоилковиќ.