Изградени 430 социјални станови со Проектот за домување социјално ранливи групи

Владата постојано работи на реализација на Проектот за домување на социјално ранливите групи во рамки на кој е предвидена изградба на 35 објекти во 26 града на територијата на целата држава со 1.753 станови, истакна денеска на прес-конференција министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

Планирано е сите станови согласно програмата да бидат изградени до  2014 година. Дел од средствата се обезбедуваат преку Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор со комерцијалната градба, а дел од Банката за развој преку Советот на Европа.

Во периодот од 2007 до 2011 година се изградени девет објекти со 430 станови. Од нив 29 се во Македонска Каменица, 102 стана во два објекти во Општина Ѓорче Петров во Скопје, 71 во Охрид, 32 во Кичево, 29 во Кочани, 30 во Кавадарци и 46 во Крива Паланка.

Во 2010 и 2011 година склучени се договори за закуп и вселени се 293 станови наменети за социјално ранливи групи, наведе Јанакиески на прес-конференцијата за огласот што го објави Министерството за транспорт и врски за распределба на 91 социјален стан во Штип.