Заменикот претседател на Владата задолжен за политички систем, Љупчо Димовски на покана на Еврејската организација во Македонија се обрати на завршниот настан на одбележувањето на 82 годишнината од депортацијата на македонските Евреи и 80 годишнината од крајот на Втората Светска Војна.
Димовски нагласи дека повеќе од сигурно е дека не постои по трагично и по потресно прашање кое се поставува во светската историја од еврејското. Омразата и она рационално необјасниво уништување што им се случи на Евреите е лекција за целото човештво - никогаш да не се повтори.
Со Евреите е поврзан терминот холокауст што значи “целосно истребување“ или „ изгорување”. Оттаму јасна е и намерата на една уништувачка идеологија-Евреите да бидат избришани од колективната меморија на постоењето. Затоа, нашата обврска е ние постојано за нив да зборуваме и на нив да се сеќаваме.
Македонски Евреи биле учесници во Илинденското востание во 1903 година против Османлиската власт. Еден од нив бил и Рафаел Камхи кој бил активен учесник во борбите, тајно пренесувал оружје и живеел според своето мото „Слободата треба да биде работна задача на сите поробени народи“. Покрај него учесници во востанието биле и Ментеш Камхи, Аврам и Мушон Нисан, Санто и Переиз Ароести.
Заменикот претседател на Владата истакна дека како потврда на изграденото заедништво во периодот што следи е заложбата на Димитар Влахов, тогашен пратеник во турскиот парламент, за остварување на еврејската желба за добивање земја и право на живеење на историскиот простор на кој што денес е Државата Израел.
Подоцна, од репресивниот апарат на монархофашистичкиот бугарски окупатор, во Вардарскиот дел од Македонија, покрај македонскиот народ биле опфатени и другите народносни групи. Фашистичката идеологија најголема суровост, досега невидена во човековата историја, покажала кон Евреите. Решеноста на тогашен официјален Берлин да “расчисти” со еврејското прашање, не ја одминало и Македонија. За спроведување на ваквиот договор од бугарската власт во Скопје бил отворен логор во кој до 11 март 1943 година биле собрани вкупно 7215 Евреи од кои 3351 од Скопје, 3313 од Битола и 551 од Штип. Депортацијата на Евреите од Македонија била завршена кон крајот на март при што биле одведени во концентрациониот логор Треблинка во Полска. Со мали исклучоци, сите трагично ги завршиле своите животи.
Многу млади Евреи му дале поддршка и станале дел од вооружениот антифашистички народно-ослободителен отпор, а меѓу нив и Естреја Овадија, одликувана со медалот Народен херој на Југославија. Бено Русо македонски Евреин од Битола, првоборец, учесник во македонската народно-ослободителна борба и генерал во Југословенската народна армија.
Многумина македонски Евреи активно се вклучиле во поствоениот општествен живот и во изградбата на македонската држава меѓу кои е и Мориц Романо син на последниот битолски рабин, општественик и дипломат.
Во таа смисла, нагласи Димовски, не смееме да го заборавиме Виктор Мизрахи кој активно учествувал на домашен и меѓународен план во реализацијата и изградбата на единствениот сефардски Меморијален центар на холокаустот на Евреите од Македонија и во поставувањето на спомен обележје на депортираните македонски Евреи во меморијалната поставка во Треблинка.
Во 2018 година македонското Собрание на Седницата посветена на 75 годишнината од депортацијата на македонските Евреи, го осудува холокаустот и сите форми на геноцид и кршење на човековите права, за што усвои Декларација во која е децидно наведено дека нашата трајна определба е никогаш да не бидат заборавени 7144 депортирани Евреи од Македонија во логорот Треблинка, со порака Холокаустот или кој било друг геноцид никогаш да не се повторат.
Општиот заклучок е дека после 82 години од холокаустот на македонските Евреи и по 80 години по војната сеќавајќи се на минатото ние можеме да ја градиме иднината, напонена Љупчо Димовски во завршните зборови пред присутните во Меморијалниот Музеј на Холокаустот во Скопје.