Мисајловски: Објавени се конкурсите за 300 професионални војници и за 10 подофицери, следува конкурсот за 60 офицери

Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска од касарната која го носи името на народниот херој „Чеде Филиповски – Даме“ во Кичево, кажа дека започнува процесот кој ќе донесе нова енергија и свежина во редовите на македонската Армија. „Се работи за Јавен оглас за 300 професионални војници и Јавен оглас за 10 подофицери во македонската Армија, а исто така следува и огласот за прием на 60 лица со завршено високо образование во офицерски чин кој што ќе излезе утре“, кажа министерот Мисајловски и упати повик до сите мотивирани млади мажи и жени, од сите етнички заедници, кои сакаат својата работна кариера да ја посветат во Армијата, во заштита на мирот и безбедноста на државата и на граѓаните да ја искористат можноста и да се пријават на огласот и да станат дел од ова семејство.

Мисајловски истакна дека секој кој ќе ги исполни условите од конкурсот ќе има можност да биде дел од македонската Армија. „Овие луѓе што стојат тука позади мене и насекаде во касарните, насекаде на теренот, насекаде низ вежбите може да ги погледнете, тоа се срцето на Македонија, тоа се луѓето херои“ рече Мисајловски кој заедно со заменик министерката за одбрана Елфет Исмаили, заменик началникот на Армијата генерал-мајор Азим Нуредин и командантот на командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски ги посетија припадниците на 1. пешадиски баталјон на Армијата и извршија увид во градежните зафати кои се изведуваат на војничкиот ресторан, кој долг период беше оштетен и ја загрозуваше безбедноста на припадниците на Армијата.

Врз основ на склучениот договор ќе биде извршена комплетна демонтажа, зајакнување на кровната конструкција и монтажа на нов покрив, и изработка на внатрешниот таван. Сите зафати на овој објект треба да се завршат во рок од 90 дена.

Во однос на градежните активности, министерот Мисајловски рече дека покрај оваа во моментов се изведуваат уште неколкуте градежни активности во касарната во Штип, на Армискиот полигон Криволак, во Центарот за обука Пепелиште, како и замена на покривната конструкција на повеќе објекти во касарните и магацините на Армијата.