Денеска е последен инфо ден од ИПАРД инфо караванот кој се реализираше изминативе три недели. Се одржаа инфо средби со потенцијални корисници за Mерка 1 „Инвестиции во основни средства на земјоделски средства“ од ИПАРД 3 Програмата (2021-2027), низ сите региони во Македонија.
Тимовите од Телото за управување со ИПАРД при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (АПРЗЗ) и Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството (АПРЗ), посетија 29 локации.
Новаци, Могила, Тетово, Јегуновце, Свети Николе, Велес, Карбинци, Штип, Кавадарци,Тимјаник, Прилеп, Кривогаштани, Босилово, Василево, Конче, Радовиш, Берово, Виница, Неготино (о. Врапчиште), Гостивар, Кочани, Облешево, Велешта, Мислешево, Демир Хисар, Кравари, Куманово, Липково и Петровец се земјоделските региони кои беа таргет на инфо караванот. Тоа се региони кои имаат развиено децениско земјоделско производство и токму затоа беа посетени од нашите тимови, со цел на сите кои планираат да аплицираат на јавниот повик за мерка 1, да им се објаснат условите и постапката за аплицирање. Се одговорија сите поставени прашања, се што не им беше јасно на идните апликанти беше детално објаснето, сите беа повикани слободно да ги контактираат колегите од АПРЗ за да добијат бесплатна помош за изработка на апликациите.
Со ваквата поддршка им овозможуваме на идните апликанти да имаат добро подготвени апликации, а со тоа и успешноста на јавниот повик е загарантирана.
Можноста која ја нуди Мерка 1 преку јавниот повик кој е во тек, треба да се искористи особено во селата кои имаат реално земјоделско производство и живеат од тоа. На располагање се 7,4 милиони евра кои треба да бидат инвестирани во домашното земјоделско производство.
Целта е заедничка, со поддршка на средствата од ИПАРД Програмата (2021-2027), заедно да го модернизираме домашното производство со нова современа земјоделска и приклучна механизација за производство и постбербени активности, нови или реконструирани фарми или помошни објекти, инвестиции во производство на енергија од обновливи извори како и инвестиции во преработка и директен маркетинг на сопственото земјоделско производство на фарма.
Инфо караванот завршува денеска на средба во Петровец, со почеток во 14 часот, во просториите на општинската зграда Петровец.
Ги потсетуваме сите заинтересирани корисници дека јавниот повик 01/2025 истекува на 29. март. Има доволно време да се подготват апликациите и навремено да се поднесат до Платежната агенција.
Иако инфо деновите завршуваат денеска, тимовите од институциите и понатаму ќе бидат достапни за прашања и консултации следниве веб страници и телефонски броеви:
• Тело за управување со ИПАРД фондовите при Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство – https://ipard.gov.mk или 02/3134-477 локал 113, 114 и 115,
• Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој – http://www.ipardpa.gov.mk или на 02/3097-460 и 070/229-434 (сектор за одобрување на проекти), 070/229-328 (сектор за одобрување на исплати),
• Агенција за поттикнување на развојот на земјоделството – http://agencija.gov.mk/ или на 047/228-330 и 047/228-370.
На сите кои присуствуваа на средбите им благодариме за покажаниот интерес, со тоа сите придонесоа за успешноста на инфокараванот.