Груевски: Дрекслер Мајер ќе отвори 4.000 работни места, договорот во понеделник

Германската компанија Дрекслер Мајер во понеделник со Владата ќе го потпише договорот за почнување со реализација на инвестицијата во Република Македонија вредна 30 милиони евра. Компанијата ќе отвори фабрика за производство на делови за Мерцедес, која ќе вработи 4.000 лица, најави денеска премиерот Никола Груевски.

- Станува збор за инвестиција која директно ќе вработи 4.000 луѓе во кавадаречкиот регион. Значи тука се Неготино, Демир Капија, Кавадарци и сите населени места што гравитираат кон овој регион бидејќи фабриката ќе се гради во близна на Кавадарци. Ќе има и индиректни вработувања. Според бројот на вработени таа ќе биде фабрика која ќе вработува најмногу луѓе во Македонија, рече премиерот Груевски по предавање во употреба на лабораторија на Институтот за патологија.

Тој потсети дека оваа инвестиција е резултат на процес кој се води подолг период, а последната средба со оваа комапнија ја имале на Роуд шоуто во Германија каде организирале и посебна работна средба со раководството на компанијата. На таа средба биле поставени многу прашања за детали со кои тие можеби ќе се судрат во иднина. Комуникацијата ја продолжиле и потоа, за да финишира во понеделник со потпишување на договорот со кој постепено ќе се вработат 4.000 луѓе, посочи премиерот Никола Груевски.