Груевски: Очигледно е дека споменикот во Кисела Вода е Тодор Александров

Споменикот во Кисела Вода наречен Македонскиот војвода на коњ е правен по ликот на Тодор Александров, смета премиерот Никола Груевски и според него уметникот воопшто не згрешил што се инспирирал од тој лик.

- Очигледно е дека станува збор за ликот на Тодор Александров. Во Македонија треба да престане табуизирањето и стереотипизирањето на историските личности и настани. Македонија има различни историски личности кои што на различен начин придонеле за денешната државност, самостојност и за она што го имаме - Република Македонија. За жал, некои од нив беа многу етикетирани, на некој начин анатемизирани во историјата и денес за едни велиме дека биле полоши за други дека биле подобри, за едни дека правеле вака или онака. Всушност, најголемиот број од нив се бореле за Македонија, рече премиерот Никола Груевски на новинарско прашање по предавањето во употреба на лаборатија на Институтот за патологија.