Ѓорѓиев: 5,5 милиони евра за развој на селата, набавка на механизација и чистење канали

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

Почитувани,

Развојот на земјоделството и поддршката на руралниот развој се еден од петте стратешки приоритети во програмата на Владата. Земјоделството го има и нашето внимание, и конкретната поддршка преку серија на мерки и највисоки земјоделски субвенции во историјата на Македонија.

Дозволете да Ве информираме дека Владата одлучи да ангажира и исплати 5, 5 милиони евра за поддршка на развојот на селата, поддршка за купување на земјоделска механизација и чистење на каналите. Владата одлучи во текот на следната недела да биде објавен јавен оглас за распределба на државно земјоделско земјиште за површина од 5353 хектари, како и јавен повик за решавање на проблемот со користење нерегулиран начин на државно земјоделско земјиште за подрачјето на Прилеп, Виница, Радовиш и Велес.

Прво, Владата одлучи да ангажира 3 милиони евра за кофинансирање на проекти за набавка и модернизација на земјоделска механизација. Од август ќе бидат исплатени 1 милион евра на 200 корисници кои веќе ги извршија набавките на механизацијата. Останатите 2 милиони евра ќе бидат исплатени на останатите 334 корисници по реализација на нивните набавки на механизацијата, согласно динамиката и доставување на документација, а најдоцна до октомври 2012 година.

Второ, Владата одлучи да ангажира и исплати 2 милиони евра за поддршка на македонските села. Средствата ќе бидат реализирани за 45 проекти во 37 општини, а ќе се користат за изградба на селски патишта не подолги од 1 километар, за селски мостови, за пристапни патишта до нивите и пристап до земјоделско земјиште. Исплатата ќе се одвива сразмерно на изведувањето на проектот, по завршен проект ќе има исплата. Опфатени се општини од целата држава, без разлика на составот на населението или пак политичката припадност на градоначалникот.

Трето, од оваа недела со полн интензитет започнува процесот на чистење на каналите за наводнување и одводнување. За 2 месеци ќе бидат исчистени 70 километри канали во Скопски, Пелагониски (од страната на Прилеп), Струмички, Кочански и  Полошки регион, за што ќе бидат исплатени половина милион евра.
    
Четврто, следната недела ќе биде објавен јавен оглас за распределба на земјоделско земјиште во државна сопственост под закуп, за регионот Свети Николе за површина од околу 5353 хектари, и ги повикуваме земјоделците од овој регион да ги искористат можностите. До крајот на годината ќе бидат објавени уште 2 јавни огласи. Во тек се 2 јавни огласи, првиот за регионите Куманово, Велес, Гевгелија и Прилеп, и вториот за регионите Струмица, Кочани, Гостивар, Гази Баба чија одлука се очекува во текот на следната недела. За 2 огласа, за Кавадарци и за Радовиш, одлуката се очекува во август.
    
Петто, следната недела ќе биде објавен јавен повик за решавање на проблемот со користење на државно земјоделско земјиште на нерегулиран начин за општините Прилеп, Виница, Радовиш и Велес. До крајот на 2012 година ќе бидат објавени уште 4 вакви јавни повици. Во тек се уште 2 јавни повици, првиот во регионите Гевгелија, Делчево, и Тетово, и вториот во Неготино, Кавадарци, Радовиш, Гевгелија, Битола, Струга, Струмица и Делчево, чија одлука се очекува во текот на следната недела, и на овој начин се решава еден горлив децениски проблем кој ги оптоваруваше земјоделците.
    
Со овие средства исполнуваме уште еден дел од нашите ветувања. Ова се конкретни проекти, со конкретни финансии и конкретна корист за земјоделците. Апелираме да ги искористат јавните огласи за распределба на земја, и јавните повици за легализација на земјата, апелираме да ги искористат проектите и можностите за поддршка на селата и за набавка на механизација. И во идниот период ќе продолжиме со активната поддршка на земјоделците и земјоделскиот сектор преку серија на други проекти, мерки и активности.