Фетаи претседаваше со Меѓуресорското тело за координација на борбата против корупцијата

Денес се одржа конститутивната седница на Меѓуресорското тело за координација на активностите против корупцијата, со која претседаваше заменик-претседателот на Владата задолжен за политики за добро владеење, Арбен Фетаи.
На овој значаен настан се обратија премиерот Христијан Мицкоски, амбасадорот на Европската Унија Михаелис Рокас, заменик-шефицата на мисијата на Амбасадата на САД Никол Варнес и амбасадорот на ОБСЕ Килиан Вал.
Широкото учество на претставници од државните институции, меѓународните партнери и граѓанското општество ја потврдува нашата заедничка решеност да се бориме против корупцијата – појава што го задушува општеството и го попречува напредокот на нашата држава.
Во текот на дискусијата беше нагласена ниската имплементација на Стратешката државна стратегија за борба против корупцијата, со само 18% од планираните активности реализирани во изминатата година. Дополнително, се разговараше за содржината на новиот предлог-закон за спречување на корупцијата и потребата од измени во Правилникот за работа на Меѓуресорското тело, со цел да се обезбеди: поефикасна меѓуинституционална координација, редовен мониторинг на напредокот, рана идентификација на застои, и забрзување на заедничките напори во борбата против корупцијата.
„Корупцијата е национална вонредна состојба. Статус кво-то заврши,“ истакна заменик-претседателот на Владата Фетаи пред присутните, додавајќи дека преку конкретни дела ќе докажеме дека никој не е над законот.
„Ќе работиме тесно со сите институции, со нашите меѓународни партнери и со граѓанското општество за да изградиме обединет фронт против криминалот и корупцијата – носејќи опипливи резултати во согласност со очекувањата на нашите граѓани,“ вети Фетаи.