Министерката Димитриеска-Кочоска на 10. Економски форум во Делфи

 Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска од денеска до 11 април ќе учествува на Економскиот форум во Делфи, кој обединува на едно место креатори на политики, претседатели на држави, премиери, министри, претставници на бизнис и на академската заедница и експерти од над 55 земји во светот.

Преку повеќе панел-дискусии, Форумот ќе биде фокусиран на низа глобални и регионални теми поврзани со геополитичката и меѓународната безбедност, светската економија, климатските промени, енергетиката, туризмот, технологијата и општеството. Вториот ден од Форумот ќе биде посветен на финансиите и економијата и, меѓудругото, ќе бидат отворени прашањата за стратегии за забрзан раст и развој, транзиција кон одржливи модели на развој и финансирање на идниот одржлив развој, стратешки партнерства за унапредување на економската конкурентност и економската безбедност, новата индустриска стратегија на ЕУ и кохезионите политики на ЕУ по 2027 година. Воедно, учесниците ќе имаат можност да се вклучат во дебатите, да разменат идеи и да дискутираат за идниот развој.

Годинашниот Економски форум е десетти по ред и традиционално се одржува во грчкиот антички град Делфи. Форумот, како независна и непрофитна организација со меѓународен карактер, има за цел да ги претстави реалните состојби и притоа да се бараат решенија за справување со глобалните предизвици и за обезбедување поодржлива и просперитетна иднина.