Груевски: Туризмот носи нови приходи

Премиерот Никола Груевски го поздрави проектот „Туристичка стража“ на плоштадот „Македонија“ на градоначалникот на Град Скопје бидејќи, како што оцени, со многу малку пари се создава нова атракција, се збогатува туристичката понуда, а со тоа и приходите од туризмот.  

- Градот прави одличен чекор со тоа што овозможи на ваков начин една нова туристичка атракција, за која е вложено многу малку пари, а привлекува внимание на туристите, им останува во многу убаво сеќавање посетата на градот, ќе поднаучат малку за нашата историја, ќе им останат многу убави фотографии. Можеби ќе препорачаат и на други да дојдат во Македонија и да потрошат дел од своите пари и време, а од тоа живеат многу луѓе во Македонијха, многу дуќанџии, многу ресторани, хотели, многу продавници кои продаваат различни видови стока, рече Груевски одговарајќи на новинарско прашање по промоцијата на 14 нови наслови од проектот „Превод на 1.000 книги“. 

Тој подвлече дека туризмот е директен извор на девизни приходи и добро е што оваа економска дејност расте и што Владата и сите кои можат да придонесат се посветени на давање подобра туристичка понуда.

- Ако ги погледнеме сите работи што се прават во туризмот тие изгледаат мали и незначителни, но ако сите нив ги собереме на едно место и направиме еден мозаик тогаш тоа е една убава слика која што ја добиваат туристите кои што доаѓаат во Македонија, смета премиерот Никола Груевски.