Почитувани граѓани,
Почитувани медиуми,
Денешната прес-конференција се однесува на последниот извештај којшто го имам добиено од Државниот пазарен инспекторат, а кој се однесува на надзорот и контролите коишто се направени во изминатиов период. Како Влада сме посветени на обезбедување целосна транспарентност и точност пред вас и пред јавноста и внимателно ги следиме сите институционални чекори коишто треба да ги исполниме согласно законот.
Државниот пазарен инспекторат во периодот од 17.03 до 10.04.2025 година изврши вкупно 297 надзори во однос на исполнувањето на минимално техничките услови и други одредби предвидени согласно Законот за угостителска дејност.
Надзори се вршени кај угостителските објекти со пријавена дејност. Тука дозволете ми да ги набројам сите објекти коишто се под оваа дејност: диско клуб, диско клуб на отворен простор, ноќен клуб, кабаре, кафе бар, гостилница, ресторан, ресторан за свадби, бистро, хотел и останати субјекти.
Издадени се вкупно 360 прекршочни платни налози во вкупна вредност од 3.436.000,00 денари.
Издадени се вкупно 28 решенија за привремена забрана за вршење на дејност (кои вршеле дејност без лиценца или пак без исполнување на минимално техничките услови) и 12 решенија за отстранување на неправилности за прекршоци утврдени согласно Законот за угостителска дејност.
Од вкупно 23 правни субјекти со активна лиценца, кај 17 субјекти констатирани се неправилности во делот на исполнувањето на минимално техничките услови. Последниот извештај којшто го дадовме пред јавноста беа 15, денеска веќе се 17, и за истите е доставена информација до Министерството за економија и труд. Во меѓувреме кај 7 од овие објекти се отстранети овие неправилности, и на барање на правните субјекти е извршена дополнителна контрола и направени контролни записници каде надлежните органи утврдиле дека правните субјекти, согласно законски предвидениот рок од 30 дена, ги отстраниле овие недостатоци. И таквите информации се доставени до Министерството за економија и труд.
Останатите правни субјекти кои немаат активна лиценца или пак се со поднесено барање до Министерството за економија и труд и не вршат дејност во моментов се под постојан мониторинг и за истите ќе се преземат соодветни мерки согласно закон.
Почитувани,
Сакам да ја информирам јавноста дека контролата сѐ уште е во тек. Како Влада очекуваме целосен и детален извештај од сите 9 одделенија на Државниот пазарен инспекторат, коишто се надлежни на територија на Македонија, за овие 297 контроли на правните субјекти да биде доставен во текот на следната недела.
Со ова сакаме да ги увериме нашите граѓани дека ова не е еднократен одговор ниту краткорочен ангажман. Зајакнувањето на институционалната одговорност и враќањето на довербата на јавноста остануваат наши долгорочни приоритети и ќе продолжиме да им пристапуваме на таквите прашања со зголемен фокус, доследност и одговорност!
Го разбираме интересот на јавноста за ова прашање и ве уверуваме дека ќе ги споделиме сите достапни и проверени информации коишто ги имаме на располагање.