Груевски: Економската посета на Индија дава резултати
Интересот од индиските компании за Македонија е зголемен. Досега ја посетија повеќе групи индиски бизнисмени, односно меѓу пет и 10 компании, кои дефинитивно се задоволни од условите во нашата држава и се надевам дека тој интерес ќе вроди со некој плод.
Ова го истакна премиерот Никола Груевски денеска одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на нов спортски центар во општина Аеродром при што додаде дека не секоја од компаниите сакале да бидат експонирани.
- Мене ме радува што нашата посета на Индија, роуд - шоуто што го направивме во Индија веќе дава одреден фитбек, одредени резулати. Веќе е зголемен интересот на индиските компании. Тие доаѓаат на лице место, ги разгледуваат работите, вршат анализи на пазарот, анализи каде би можеле да продаваат и под кои услови доколку инвестираат во Република Македонија. Дефинитивно задоволни се од условите во Република Македонија, но сега ги испитуваат и можностите за реализиција на својот производ доколку нешто направат, каде би можеле да го продадат и под кои услови, истакна Груевски.
Тој рече дека посетата на претставници на „Сахара Груп“, кои беа во два наврати, во еден случај ги водеше нивниот претседател на компанијата, а во другиот случај неговата сопруга која е и официјален кооперативен потпретседател на компанијата, предводени со голем број свои соработници, експерти од повеќе области кои беа задолжени да ги разработат деталите за повеќе видови можни инвестиции, привлече големо внимание во нашата јавност. Сега, како што рече, ним им се потребни неколку месеци да ги изанализираат детално работите што ги снимија во Република Македонија.
Премиерот изрази надеж дека по еден извесен период ќе добиеме информација дали и каде би инвестирале нешто во Македонија.
- Првичните најави се позитивни, меѓутоа се очекува на крај да видиме дали и кога ќе донесат конечна одлука. Тоа ќе зависи од нивните натамошни анализи, констатира Груевски.
Според него, и посетата на Катар резултираше со две мисии кои ги испрати емирот во Република Македонија. Едната беше на највисоко ниво, а втората на техничко ниво. Прво дојдоа највиските претставници на компаниите, а подоцна ги испратија нивните експерти за да се изанализираат деталите.
- И од едната и од другата држава, од инвестициските презентации што ги направивме, има одреден фидбек, прилично задоволителен и прилично брз фидбек. И сега е потребно време какао и за секоја посериозна инвестиција, од повеќе месеци или можеби подолго, да направат длабински анализи во нивните држави и во нивните компании, не само на Македонија, туку и пошироко за продажба на нивни производи, реализација на нивниот бизнис и потоа да донесат одлуки, независно какви ќе бидат, рече Груевски.