Тркалезна маса „Изградба на капацитетот на локалната самоуправа“

Обуки има, но генерално не може да се каже дека постои организиран и координиран систем за обука на локално ниво. Потребно е Министерството за локална самоуправа, Министерството за информатичко општество и администрација и ЗЕЛС да ги обединат ресурсите и заеднички да му пристапат на ова прашање. Потребно е да се организира Управувачка структура за обука која ќе вклучи претставници од сите институции кои имаат заеднички интерес за јакнење на капацитетите на општините на координиран и организиран начин.

Ова го истакна министерот за локална самоуправа Невзат Бејта на денешната тркалезна маса „Изградба на капацитетот на локалната самоуправа“, во организација на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Бејта рече дека Мисијата на ОБСЕ во Скопје има дадено придонес за развој на демократијата во нашата држава и за развој на децентрализацијата.

- ОБСЕ има значајна улога за обучување на локалните администратори. Што подобро ќе бидат обучени администраторите на локално ниво тоа е подобро за граѓаните. Сите администратори да бидат еднакво обучени и едуцирани, за да им служат на граѓаните, рече Бејта.

Тој посочи дека се приближуваат локалните избори кои, како што рече, доста се важни за граѓаните бидејќи тие ја знаат улогата на администраторите на локално ниво и улогата на градоначалникот. Бејта изрази надеж дека граѓаните ќе се се потрудат да изберат што подобро. 

Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Град Скопје Коце Трајановски рече дека со процесот на децентрализација во Македонија и со добиените надлежности немало доволно луѓе кои се обучени за да ги извршуваат новите задачи.

- Затоа изминатиот период постојано и континуирано се работи на обука, изградба на капацитетите на локалната самоуправа. Гледајќи ја оваа потреба ЗЕЛС формира тренинг центар кој функционира неколку години  и неговите ефекти веќе се очигледни бидејќи неколку илјади службеници од локалната самоуправа ги поминаа тие обуки. Како обучувачи ги користиме стручните луѓе од соодветните министерства кои се изготвувачи на тие закони или професори од соодветните факултети. Со тоа придонесуваме за зголемување на капацитетите на администрацијата на локалната самоуправа, рече Трајановски.

Тој посочи дека се донесени и Акциски план за ЗЕЛС тренинг центарот во кој се дефинирани потребите на општините за обуки на нивната администрација.

Според него, обуките никогаш не се доволни бидејќи секогаш има нови закони, нови постапки, нови надлежности и изрази надеж дека тие ќе бидат извршени од добро обучени луѓе.

- Реформата во локалната самоуправа и процесот на децентрализација се во фокусот на мандатот на Мисијата на ОБСЕ. Денеска ќе дискутираме за изградба на капацитетите на членовите на општинските совети, избраните претставници и градоначалниците. Со зголемените надлежности на единиците на локална самоуправа прашањето за соодветно ниво на капацитетите на избраните претставници е уште поважно. Сакаме да видиме колку и до кој степен се разви овој процес на изградба на капацитетите и кои се претстојните предизвици, изјави шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Ралф Брет.