На барање на Јанакиески босанските власти повторно ќе ја отворат истрагата за несреќата на „Кингерот“
Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески од својот босански колега Дамир Хаџиќ побарал потворно отворање на истрага за авионската несреќа во која загина претседателот Борис Трајковски и формирање мешовита работна група, доставувајќи му притоа документ кој содржи нови сознанија поврзани со несреќата, соопшти денеска министерството за транспорт и врски.
Босанскиот министер за комуникации и сообраќај го прифатил предлогот истакнувајќи притоа оти завршувањето на истрагата е во интерес на Босна и Херцеговина, а со тоа и завршувањето на шпекулациите во врска со причините за несреќата.
- Договорено е да се формира заедничка работна група составена од експерти од Република Македонија и Босна и Херцеговина, која до крајот на септември треба да изготви извештај, информира Министерството за транспорт и врски.
Министерот Јанакиески, во рамки на вчерашната средба во Сараево, му доставил на Хаџиќ документ кој содржи нови сознанија за воздухопловната несреќа на авионот Beechcraft Super King Air 200 Z3-BAB што се случи на 26 февруари 2004 година кај Ротмиље во близина на Мостар, во која трагично го загубија животот тогашниот македонски претседател Борис Трајковски и неговите соработници.