Премиерот Груевски на жетва

Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски во придружба на министерот и заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски и Зоран Коњановски, денеска остварија посета на ЗК „Пелагонија“ и се сретнаа со земјоделците кои го собираат лебното зрно од најголемата македонска житница, Пелагонија.

На средбата со земјоделците од битолскиот дел на Пелагонија, премиерот Груевски беше информиран за текот на жетвата, откупот и исплатата на пченицата кои се во полн ек и како што му беше посочено се одвиваат без проблеми.

- Оваа година имаме мало намалување на приносот, но многу поголема, одлична цена на пченицата со која ќе се искомпензира намалениот принос предизвикан од неповолните временски услови. Како што е познато, Владата помогна со мерки врзани со увозот на брашно и жито и забележувам земјоделците се задоволни што покрај добрата цена имаат и субвенција, посочи премиерот Груевски на средбата со пелагониските земјоделци.

Претседателот на Владата на денешната средба со жетварите во Пелагонија уште еднаш потврди дека ќе продолжи со континуираната поддршка на земјоделците, ќе биде со нив и ќе ги решава нивните проблеми.

- Има голем напредок во земјоделството, но не само преку субвенциите туку и преку други наши мерки како што се распределба на земјоделско земјиште, легализација на земјоделските површини и механизација и други мерки, истакна премиерот Груевски.