Стипендии за пет македонски студенти на Бостон Универзитетот
Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и Бостон Универзитетот денеска во Скопје потпишаа договор за соработка со кој се обезбедуваат пет стипендии за македонски студенти.
Соработката почнува од пролетниот семестар следната година. Студентите ќе се избираат преку соодветни критериуми, а петте најдобри ќе добијат можност да отидат во Бостон еден семестар за 1 и 2 циклус студии.
На потпишување на договорот, покрај министерот без ресор Бил Павлески и македонскиот амбасадор во САД Зоран Јолевски, присуствуваше и министерот за образование и наука Панче Кралев кој истакна дека посебно значајно е тоа што програмите на ФИНКИ поминале процес на верификација на Бостон Универзитетот, што значи студентите ќе може да учат на некој вид компетабилни програми кои ќе бидат меѓусебно признаени од аспект на кредитите што ги носат.
- Тоа е важно како почеток на долгогодишна соработка меѓу двата универзитетa која ќе се развие во повеќе области, но посебно е значајно тоа што во иднина ќе се стремиме да дојде до заеднички програми, потенцираше Кралев.
Министерот Павлески додаде дека станува збор за доста значаен договор во однос на привлекувањето странски инвестиции во информатичкиот сектор. Ваков договор, според него, ќе помогне странските компании да видат дека Македонија е дестинација која е способна да квалификува соодветни образовни структури.
Деканот на ФИНКИ Димитар Трајанов изрази задоволство од воспоставувањето на соработката, која, како што рече, значи дека студиите на ФИНКИ се прифатени како партнерски за бостонскиот Универзитет.
Пофесорот од Бостон Универзитетот Димитар Читкушев нагласи дека иницијативата е почната во 2008 година со Владата на Република Македонија и оти оптимистички гледа на соработката како континуитет кој ќе овозможи студентите да продолжат редовно да доаѓаат во Бостон, но и обратно.
- Во рамки на ова партнерство, студенти од ФИНКИ ќе може да доаѓаат во Бостон на специјализација, а во иднина ќе имаме и двојни магистратури и мислам дека тоа ќе отвори и мост за соработка и меѓу професори кои работат во Скопје и Бостон, рече Читкушев.
Бостон Универзитетот е основан во 1839 година и е четврти најголем приватен универзитет во САД. На него студираат околу 33.000 студенти и обично е рангиран од 50-то до 55-то место на светската ранг листа.