Британија ги поздравува реформите во Македонија и дава голема поддршка
Велика Британија ги поздравува реформите во Македонија и дава голема поддршка да се одржува таа динамика и во иднина. Ова изутрината на македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски му го пренесе британскиот министер за Европа, Дејвид Лигингтон, при нивната вонредно закажана билатерална средба што се одржа во „Јустус Липсиус“ во Европскиот совет.
Во фокусот на средбата Попоски-Лигингтон беа надворешно-политичките приоритети на Република Македонија, пред се интеграцијата на земјата во Европската унија.
Шефот на македонската дипломатијата го сподели очекувањето од земјите-членки на Унијата да ги препознаат напорите што суштински водат во правец на зацртаните приоритети во Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД).
Британскиот министер изрази задоволство од реформите што македонските власти ги преземаат во овој правец, и истите силно ги подржува.
- Принципиелната поддршка што Велика Британија во континуитет ја искажува за процесот на проширување на Европската унија за нас е исклучително значајна. Сметаме дека таква искрена поддршка е неоходна и за задржување на кредибилитетот на процесот. Република Македонија ја вреднува ваквата политика кон сите земји од регионот што се стремат да станат дел од европското семејство. Очекуваме ваквата поддршка да вроди со резултати во правец на напредок кон полноправно членство на Македонија во ЕУ, изјави министерот Попоски по средбата.
Билатералните односи со Обединетото Кралство, како што посочи, се исклучително пријателски и отворени. - Од македонска страна во континуитет работиме на промоција на РМ како конструктивен чинител во европскиот простор, но и привлечна дестинација за водење на бизнис и развој на културно-економска соработка, додава Попоски.
Денеска, во 12:30 часот, во Советот на Европската унија е закажан Деветтиот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација меѓу Република Македонија и ЕУ. На овој состанок, освен министерот за надворешни работи Попоски, од Македонија е најавено учеството и на Теута Арифи, заменик-премиерот задолжен за европски прашања. По завршувањето на состанокот е најавена и прес-конференција.
Во 15:30 часот, исто така во зградата на Советот, министерот Попоски има закажано билатерална средба со министерот за надворешни работи на Кипар, Ерато Козаку-Маркулис. Со својата колешка од државата-претседавач со Советот на ЕУ, Попоски се очекува да разговара за очекувањата на Македонија да добие датум за почеток на преговори за влез во Унијата за време на кипарското претседавање, но и за можноста за воспоставување дипломатски односи со Кипар, земја која е јавен и недвосмислен поддржувач на Грција и грчката политика.
По завршувањето на средбата со кипарскиот МНР, Попоски, заедно со вице-премиерката Арифи, попладне се враќаат за Скопје.