Ѓорѓиев: 144 милиони денари за учениците од ранливи семејства

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

Почитувани,
    
Владата на Република Македонија реализира серија на мерки за поддршка на социјално ранливите категории лица, со цел унапредување и подобрување на нивниот статус и состојба.

Битен сегмент од овие напори е стимулацијата за поттикнување на лицата од овие категории да се насочат кон стекнување на повисоко образование, како средство за подобрување на можностите за вработување.

Владата, за учебната 2012-2013 година, обезбеди и одлучи да ангажира 144 милиони денари за надоместоци за учениците од социјално ранливи семејства кои ќе се запишат и редовно ќе посетуваат настава во средно образование.

Минатата година за оваа цел беа исплатени 98 милиони денари, што значи дека за оваа година се предвидени за околу една третина повеќе средства од минатата. Минатата година оваа можност ја искористиле над 8000 социјално ранливи семејства, а оваа година се обезбедени средства за поголема вклученост на поголем број ученици, се со цел подобрување на нивните можности.

Надоместокот од оваа мерка, попознат како условен паричен трансфер, ќе се исплаќа квартално, и ќе биде во висина од 3000 денари по квартал за еден ученик. Услов за добивање на надоместокот е ученикот редовно да ја посетува наставата во средно образование.

Училиштата квартално ќе доставуваат извештаи до Министерството за труд и социјална политика, по што ќе следуваат исплатите. Покрај овој надоместок, социјално ранливите семејства го задржуваат правото на користење на надоместок по основ на социјална помош.

Со оваа мерка, Владата директно ги поттикнува учениците од овие семејства и нивните родители да се запишат и да го завршат средното образование. Тоа е од значење за стекнување на поголем степен на знаења и вештини на овие лица, со цел обезбедување повеќе можности и опции во понатамошниот живот.

Владата ќе продолжи со реализација на мерки за унапредување на статусот и состојбата на оваа категорија граѓани.