Груевски: Седум нови индустриски зони во следните месеци
Планираме изградба на уште седум слободни економски индустриски зони и тоа ни е зацртано во Програмата. Подоготовките за дел од нив се при крај до почетокот на номеври ќе поне изградбата на економските зони во Кичево, Прилеп, Гевгелија и Струга, а најдоцна до април следната година и во Радовиш, Струмица и Ранковце.
Ова го најави премиерот Никола Груевски во одговор на прашањето дали по последниот бран на странски инвестиции Владата планира отворање на нови зони и дали се размислува за дисперзија на зоните на целата територија на Македонија, по промоцијата на нови 20 наслови на книги од различни области од проектот „Превод на 1.000 стручни, научни книги и учебници од кои се учи на врвните, најдобрите и најреномираните универзитети во САД и Англија, а од областа на правото во Франција и Германија“ во Читалната „1.000 книги“, во Градскиот трговски центар во Скопје.
- Нема да останеме само на зоните во Скопје, Штип и Тетово. Се обидуваме да ги дисперзираме слободните економски индустриски зони колку што е во наша моќ, но се разбира дека конечниот збор го имаат инвеститорите, компаниите и сопствениците кои инвестираат пари, рече премиерот Груевски.
Веќе, нагласи, почна да се гради огромна фабрика во Пелагонискиот регион близу Битола, огромна фабрика во Тиквешкиот регион, во Тетово, Штип.
- Тоа покажува дека во Македонија веќе се прави дисперзија на зоните што е добро. Не само што се прават дисперзии сега кога не постојат слободни економски зони во сите овие места, туку планираме и со изградба на нови економски зони да се направи дополнителна дисперзија на инвеститорите и тие да изнестираат во различни места во Македонија. Ние ги охрабруваме странските инвеститори кога ќе слушнеме дека размислуваат надовор од Скопје да направат нешто, рече премиерот Груевски.
Освен тетовската економска зона, која е во фаза на добивање на концесионер, штипската која е во длабока фаза на градба и двете скопски, нагласи во ноември очекуваме да почне изградбата на зоните во Кичево, Прилеп, Гевгелија и Струга, а до април следната година и во Радовиш, Струмица и Ранковце.
- Ќе дојде до нови инвестиции што ќе претставува и сериозен ангажман на градежниот сектор во Македонија бидејќи станува збор за посериозни градежни зафати кои ќе одземат две или три години, но ќе значат и можност за многу нови крупни компании да дојдат, да се стационираат во некоја од овие зони и да вработат многу луѓе од целот регион на зоната, рече Груевски.