Од идната година примена на системот за Избалансиран приказ за постигнувањата во здравството

Од јануари идната година во Македонија првпат ќе почне да се применува системот на Избалансиран приказ за постигнувањата во здравствениот систем или Balanced Scorecard систем. Целта е зајакнување на управувањето со јавните здравствени установи, соопшти денеска на прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров.

Со овој систем на национално ниво се одредуваат индикаторите на здравствениот систем поделени во четири области и тоа пациенти, клинички фокус, развој/обука и финансии. Од овие национални индикатори, дефинирани од Министерството за здравство, произлегуваат и индикаторите за поединечните здравствени установи. Резултатите од нивната реализација ќе бидат согледувани по шест месеци, а завршните ќе бидат соопштени по една година, по што ќе следуваат награди или казни за менаџерите на ЈЗУ.

- На секој индикатор е одредена соодветна тежина, а од нивото на реализација на поставените индикатори ќе зависи дали менаџментот на соодветната ЈЗУ ќе биде дополнително финансиски награден или не, изјави министерот Тодоров.

Со овој систем ќе се придонесе за реализација на националната здравствена стратегија дефинирана од Министерството за здравство. Воедно, како што истакна министерот за здравство, се потенцира улогата и одговорноста на менаџментот, овозможувајќи да дојде до израз посветеноста, иницијативноста, инвентивноста. Системот, според Тодоров, овозможува објективна проценка на работата на менаџментот на ЈЗУ, како и идентификување на областите каде е потребно натамошно подобрување, како на ниво на здравствената институција, така и на ниво на целата земја.

Индикаторите во областа пациенти се однесуваат на хигиената во здравствените институции, задоволството на пациентите од односот на здравствените работници, задоволството на пациентите за добивање одредена интервенција, колку бргу здравствената институција одговара на поплаките на пациените.

Во областа на клиничкиот фокус индикаторите се однесуваат на придржувањето до протоколите за дијагностика и третман што произлегуваат од медицината базирана на докази, дополнителното намалување на доенечкиот морталитет применливо во гинеколошко-акушерските здравствени институции или одделенија, користењето на електронскиот систем за закажување, постигнувањата според системот за вреднување по учинок.

Индикаторите во областа на развој и обука се однесуваат на новите интервенции или вештини што треба да се совладаат во ЈЗУ, поттикнувањето на научната работа, задржувањето на врвниот талент, воведувањето или развивањето систем за квалитет во здравствената институција.

Придржувањето до планираните приходи и расходи, поттикнување на обезбедувањето приходи од други извори, со цел зајакнување на претприемачкиот дух кај менаџментот, придржување до планираните трошоци за лекови и медицински материјал, придржување до прописите во делот на финансиското работење.