Ѓорѓиев: Институтот за надворешна политика ќе придонесе кон државните цели

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

Почитувани,
           
Владата одлучи да стартува со основањето и работата на Институтот за геостратешки истражувања и надворешна политика на Министерството за надворешни работи.

Владата го усвои и планот за организациска поставеност и кадровска пополнетост и ја прифати и агендата на активности на Институтот, со која се дефинира првичниот спектар на неговата работа.

Основната цел на Институтот ќе биде развој на истражувачките капацитети и можности од поширок општествен интерес, и генерирање на стратешки насоки од државен интерес и нивно промовирање пред домашната и странската јавност.

Исто така, ќе се овозможи размена на ставови, гледишта, позиции во рамки на експертско-насочени дебатни форуми, кои би биле од корист во процесот на креирање политики и носење решенија во сферата на надворешните работи; изработка и објавување на документи кои третираат теми и прашања од регионално, европско и глобално значење, а во кои преовладуваат позиции, согласно стратешките приоритети на Република Македонија.

Истражување на прашања од областа на меѓународното право и нивната имплементација врз актуелните прашања, истражување на главните политички и економски предизвици во областа на енергијата, екологијата и развојната политика, подобрите услови за одржлив развој се дел од активностите на Институтот.

Институтот ќе изработува проценки, препораки, сценарија на развој на настани и ситуации согласно стекнатите сознанија, евалуација и експертиза на документи од стратешко значење.

Со ова Република Македонија добива едно значајно научно-општествено политичко тело кое ќе биде од интерес за креирање и развој на политиките, ќе биде значајна поддршка на државните и национални интереси и политики, ќе обединува различни мислења и од нивната полиномија ќе се препорачуваат најдобри практики за искористување во рамките на делувањето во надворешната политика.

Владата го усвои и планот за организациска поставеност и кадровска пополнетост на Институтот.

Во првата фаза предвидено е Институтот да биде оформен како Директорат во рамките на Министерството за надворешни работи и со него да раководи Директор, а да функционира преку два Сектори со по две Одделенија.

Во втората фаза која ќе е финална, прашањето околу организациската поставеност и работата на Институтот ќе се уреди со законски норми. Крајниот дострел е како етаблирана институција целосно да се издвои од хиерархиската поставеност во склоп на Министерството за надворешни работи и да прерасне во целосно самостојна, независна и непрофитна think-tank институција, што ќе резултира со поголем углед на домашен и меѓународен план.

Во однос на кадровската пополнетост, предвидено е ангажирање на вработени од постојниот кадар на Министерството, а предвидена е и соработка со надворешни соработници, од академската и експертска јавност од Република Македонија и светот. По формалното издвојување вработените ќе формираат статус согласно новосоздадениот правен субјективизам на Институтот.

Владата ја усвои и агендата за првична работа на Институтот. Во неа е предвидено да се организираат серијал на трибини и информативни дебати на актуелни и стратешки прашања и позиции, од државно и регионално значење. Исто така, ќе бидат објавени и неколку публикации на значајни суштествени теми, а ќе бидат организирани и неколку предавања од стручни лица.

Во овие активности би зеле учество експерти, дипломати, аналитичари, научни работници од различни области и со различен политички и етнички бекграунд, со што ќе се зголеми квалитетот на финалните производи.

Институтот ќе претставува значаен и нов квалитет и суштествена придобивка во поддршка на надворешната политика на Република Македонија. Тој ќе придонесе за унапредување на политичкиот живот и ќе донесе позитивни ефекти во реализација на целите.