Владата со проект за заштита на деца од интернет злоупотреби

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

Почитувани,

Развојот на информатичките технологии, алатки и интернетот претставува сериозна можност за остварување напредок во повеќе области. Паралелно со можностите, постојат и опасности, предизвици и непријатности кои може да се појават. Особено загрижувачки е искористувањето на овие алатки за наштетување на децата и младите, но и општо на општествениот развој.

Владата одлучи да се започне се реализација на проект за заштита на деца и млади од нелегални содржини, загрозувања и активности кои постојат на Интернет. Со овој проект преку формирање на тела и органи, преку серијал на мерки и активности, во координирана општествена акција, ќе се дејствува во насока на намалување на опасностите и штетните влијанија врз децата и младите, ќе се санкционираат прекршителите на законите, и ќе се мобилизираат потенцијалите за правилно искористување на интернетот.

Дозволете најпрво да се осврнам на неколку податоци кои ја покажуваат сериозноста на проблемот. Анализата покажа дека клучни области за грижа се: нелегални содржини, детска порнографија, он лајн додворување и вребање, и говорот на омразата. Истражувања покажаа дека скоро 2/3 од содржините на интернет можат да бидат штетни за децата и младите како што се промовирање на самоубиство, булимија или анорексија, промовирање на употреба на алкохол, дрога и други наркотични средства, нанесување штета на самите себе, откривање на лични податоци, сајбер малтретирање, специфични ризици кои се однесуваа на мобилните телефони, зависности и друго.

Согласно информациите, добиени со помош  на меѓународни партнери, за период помалку од една година од РМ се регистрирани околу 403 ИП адреси кои симнале 4323 различни документи со детска порнографија и тоа говори за сериозноста на овој проблем.

Со пребарување на зборот тепачка и ќотек се постирани повеќе од 300 видео клипа со потекло од Република Македонија. Преку 25.000 видео клипови на интернет се со ксенофобична или националистичка содржина. Повеќе од 300 видео клипови со содржина за малтерирање се поставени на интернет.
Постојат повеќе од 41 милиони изрази на п’совки и лоши зборови напишани со кирилично писмо и околу 106 милиони такви изрази со латинично писмо.

Сето ова се сериозни опасности, и мора да бидат спречени или пак отстранети, а можноста за изложеност на нив од страна на децата да биде сведена на минимум. Затоа Владата ќе преземе широк спектар на мерки и активности во кои ќе бидат вклучени претставници на целото општество. Носител на целокупната активност ќе биде Министерството за информатичко општество и министерот Иво Ивановски.

Прво, Се пристапува кон основање на Центар за побезбеден интернет на национално ниво, чија форма ќе биде утврдена во консултации со целото општество, и генерално ќе содржи следни правци.

1. Формирање на Национален Интернет Провајдер. Тој ќе нуди на јавноста анонимен начин на пријавување на нелегални интернет содржини вклучувајќи материјали со сексуална злоупотреба на деца. Провајдерот ја анализира содржината, се проверува дали таа е нелегална и доколку е нелегална, информацијата се предава на надлежните институции за понатамошно постапување доколку содржината е поставена под национална јурисдикција и многу пати до интернет сервис провајдери за истата да се симне. Доколку содржината е поставена под друга надлежност тогаш истата се предава на истата структура во соодветната држава

2. Формирање на Советодавен одбор со претставници од владата, НВО и бизнис секторот, медиумите, компјутерските и мобилни оператори. Советот ќе е структура одговорна за креирање на политиките на Националниот Интернет Хотлајн Провјадер, креирање на националите стратегии за подигање на свесност итн.

3. Отворање на Линија за помош. Таа ќе помага да се најдат релевантните информации, да се зголеми знаењето на родителите и децата за самозаштита, да ги води лицата кои би сакал да пријави детска порнографија на интернет, да понуди основна емотивна поддршка на лицата чии деца биле изложени на порнографија на интернет. Работата на истата се координира и менаџира од страна на Националниот Интернет Хотлајн Провајдер.

4. Формирање на Центар за подигање на свесноста кај локалното население, кој ќе е одговорен за креирање на национални стратегии за подигање на свесноста за деца, млади, родители и наставници. Работата на истата се координира и менаџира од страна на Националниот Интернет Хотлајн Провајдер.

Второ, почна да се изготвува Национална програма, со акционен план за превенција, спречување и заштита на децата и младите од нелегални активности и содржини на интернет, кои ќе содржат: Правни реформи, Превенција, Мерки за помош и заштита на жртви, Мерки и програма за третман на лицата осудени за дела за сексуална злоупотреба на деца и педофилија, Координација на надлежните служби со невладини организации и меѓународна соработка, Континуирана едукација на кадри, Единствена евиденција, Мониторинг и евалуација.

Трето, ќе се засили контролата и законското санкционирање на загрозувањето на деца и млади преклу интернет. Во Кривичниот законик постојат 38 кривични дела кои може да се сторат преку интернет, и за нив ќе имаа сериозен третман од страна на специјализирана единица за компјутерски криминал, која постои  и истата спроведува активности кои се однесуваат на борбата против компјутерскиот криминал, како и дистрибуција и поседување на детска порнографија.

Четврто, Република Македонија ќе побара да се приклучи кон три меѓународни асоцијации кои се борат против опие опасности и загрозувања.

Република Македонија ќе побара вклучување во програмата за Побезбеден Интернет на Европската Комисија со потпишување на билатерален договор.

Република Македонија ќе побара вклучување во Инсафе центарот. Toa e мрежа одговорна за координирање на активностите,размена на искуства, организирање на обуки и информации помеѓу членовите поврзани со подигање на свесноста кај населението, промовирање на позитивните вредности на интернетот, обележување на Денот за побезбеден интернет
Република Македонија ќе побара вклучување во Меѓународна мрежа на интернет хотлајн провјадери ИНХОПЕ. Таа ја координира работата на интернет хотлајните во целиот дел како одговор на нелегалните содржини, со единствена цел да го зачува интернетот побезбеден. Формирана 1999 година, со 40 хотлајни на глобално ниво, е поддржана од Програмата за побезбеден интернет на Европската Комисија.

Овие три меѓународни поврзувања ќе придонесат за координиран пристап кон предизвикот заедно со меѓународните асоцијации со што ќе се зголеми можноста за поголем позитивен резултат.

Владата сериозно ќе се насочи кон активности за сузбивање на овие штетни појави, кои ги загрозуваат децата и младите, нивниот развој, нивните вредности и нивното поведение. Очекуваме силна поддршка од целото општество, од граѓанскиот и бизнис секторот, од медиумите, од родителите, од секој граѓанин. Ова е исклучително значајна работа и ние како држава и општество очекуваме да оствариме успех во нејзиното превенирање и искоренување на штетните влијанија.