Министерката Канческа-Милевска го посети археолошкиот локалитет „Манчевци“ во Охрид
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, заедно со директорот на Управата за културно наследство Паско Кузман и директорот на охридскиот „Завод и музеј“, Тања Паскали-Бунташеска денеска го посетија локалитетот „Манчевци“, каде при ископ за изградба на станбени објекти се откриени вредни археолошки остатоци.
- Откриени се мошне значајни камени архтектонски градежни пластики и ранохристијанска базилика со извонредно зачуван мозаичен под, од крајот на четвртиот и почетокот на петтиот век. Навистина имаме значајни наоди за кои и во иднина треба да се посвети внимание, истото да биде презентирано пред домашната и странсата јавност, изјави министерката Канческа - Милевска.
Таа истакна дека преку Министерството за култура се издвоени 2,2 милиони денари наменети за изградба на потпорни ѕидови околу локалитетот, за заштита на самото наоѓалиште, но и околните станбени објекти. Канческа најави дека по завршување на зафатите што се во тек, за идната година ќе бидат обезбедени средства за конзервација.
Министерката заедно Паско Кузман и Тања Паскали - Бунташеска разговараа и со сопствениците на околните објекти за тоа какви се можностите за експропријација, односно нивно обештетување во насока на откривање на целиот археолошки локалитет.
- Тоа е долга и сложена процедура. Подготвени сме да се изнајде некое решение затоа што се очекува и под околните објекти да има вредни археолошки остатоци. Доколку не се изнајде решение, останува да се заштити она што веќе е откриено, а околните објекти да се заштитат со потпорни ѕидови, истакна министерката.
Археологот Паско Кузман за локалитетот „Манчевци“ појасни дека се работи за една од деветте ранохристијански базилики во Стариот дел на Охрид.
- Само во градот има девет базилики, од 4, 5 и 6 век, со мозаични подови и со ѕидни мозаици, што значи дека овие објекти се од огромно значење за тој период. Охрид може да се гордее затоа што локалитетот Стоби има шест базилики, а во Охрид веќе се девет, рече Кузман.
Тој рече дека археолозите не се изненадени од откривањето на локалитетот бидејќи се работи за богато културно-археолошко поднебје, но оти се воодушевени од аспект на степенот на зачуваност на структурата и цврстината на мозаиците и ѕидовите.
Археолошкиот локалитет „Манчевци“ се наоѓа во близина на катедралната црква „Света Софија“, на потегот кон Античкиот театар. Откриен е случајно во 2009 година при изведба на градежни работи на три индивидуални станбени објекти во Стариот дел на градот.