АРМ со парада го одбележа 18 Август и 20 годишниот јубилеј
Денеска во касарната „Илинден“ во Скопје по повод Денот на Армијата на Република Македонија и јубилејот „20 години АРМ“ во парада предводена од началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајор Горанчо Котески беа претставени единиците кои се дел од Армијата на Република Македонија. Пред државно-воениот врв – претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, Претседателот на Собранието Трајко Вељановски, Премиерот Никола Груевски, министерот за одбрана на Република Македонија, Фатмир Бесими и останатите членови на Владата, како и пред многубројните граѓани, продефилираа баталјони од 1. механизирана пешадиска бригада, припадниците на баталјонот за Почести, ешалон припадници на Армијата на САД и ешалон од бригадата за логистика.
Воедно, дел од парадата беше и ешалон од првата единица на АРМ, Воената Полиција, како и од баталјонот за Специјални намени и Ренџерскиот баталјон, како дел од полкот за специјални операции.
Военото воздухопловство, односно Воздухопловната бригада како атрактивен сегмент од Армијата на Република Македонија, беше претставена од борбено-транспортните хеликоптери Ми-24, транспортните хеликоптери Ми-8/17 и авионите Злин 242Л.
Претставувањето, пак, на над 100 воено - технички средства и возила кои се дел од вооружувањето на Армијата на Република Македонија започна со ешалон возила од родот врски, опремени со модерни и високософистицирани комуникациско-информатички средства, а по нив следеше ешалон борбени возила „Хамви“, средства за против-воздушна одбрана, главно ракетните системи „Стрела 10“ и „Игла“, ешалон оклопни транспортери „Хермлин“ и ешалон артилериски средства – хаубици од 105 мм, 122 мм, повеќецевниот лансирен ракетен систем БМ-21 „Град“ и повеќецевните лансерни ракети „Пламен“.
Артилериските средства беа следени од оклопни транспортери БТР-80 и БМП-2, а она што предизвика огромен интерес, секако, беше ешалонот тенкови Т-72 кое поседува голема огнена моќ и маневарски способности во таа мера што претставува ударна сила во борбените дејства.
Со повторен прелет на воздухопловите во составот на Армијата на Република Македонија, официјално беше завршена парадата по повод Денот на Армијата и јубилејот „20 години АРМ“.
Приказот на високо софистицираните средства, како и професионалните припадници на АРМ докажа дека Армијата во текот на двете декади постоење успева да одржи континуиран раст и напредок, факт кој е потврден и преку несебичната контрибуција на припадниците на АРМ во меѓународните мировни мисии во светски рамки.