Ѓорѓиев: Комплетна реконструкција и доградба на Универзалната сала
Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев
Почитувани,
Владата на Република Македонија стратешки го поддржува развојот на културата. Се реализираат голем број на проекти чија цел е креирање на нови културни содржини, унапредување на статусот на културните работници и нови можности за нив, достигнување на светски стандарди. Особено внимание се насочува кон инвестициите во инфраструктура од областа на културата.
Владата одлучи да започне со реализација на проектот за комплетна реконструкција и доградба на објектот на установата Универзална сала во Скопје. За реализација на овој проект Владата обезбеди и ќе ангажира 400 милиони денари, средства од буџетски извори, кои ќе бидат сервисирани во повеќе буџетски години, и со тоа се исполнува уште едно ветување на Владата.
Новиот објект ќе ги задоволи модерните стандарди за работење и престој на вработените, изведувачите и посетителите. Објектот генерално ќе го задржи надворешниот изглед заради зачувување на автентичноста. Ќе се изведе реконструкција и засилување на постојната челична и бетонска конструкција, а ќе биде изграден од најсовремени енергетско ефикасни материјали. Комплетно ќе се обноват сите инсталации и ќе се изградат нови системи за климатизација и греење. Целосно ќе биде реновиран комплетниот ентериер. Ќе се обезбеди нова и најсовремена аудио и видео опрема која ќе овозможува одржување на секаков вид настани. Проектот опфаќа и изградба на повеќенаменска сала со капацитет од 1500 места, и изградба на нова помала сала со капацитет од 100 места, како и нов простор за техника. Ќе биде изграден и подземен паркинг на две нивоа на потегот под платото кое води кон булеварот. Ентериерот ќе биде модерен, ќе се воведе посебен проект за акустика со што значително ќе се подобрат можностите на објектот, но и условите за изведувачите. Ќе бидат вградени и најсовремени системи за сценски технологии. Или вкупно комплетно ќе бидат реконструирани и реновирани 2700 метри квадратни основен, и 1150 метри квадратни помошен простор, и ќе бидат доградени 1600 метри квадратни простор и 4500 метри квадратни паркинг.
Веќе се обезбедени и изработени идеен, основен и изведбен проект за реконструкција и изградба на објектот со сите фази, за подземно гаражирање и партерот, и за зајакнување на одредени елементи од армирано бетонска и челична конструкција. Проектната документациаја е обезбедена со учество и на Градежниот факултет. На обезбедената проектна и техничка документација извршена е и законска ревизија.
Вака обезбедената документација заедно со останатата потребна техничка документација е поднесена со барање во општина Центар за издавање на Одобрение за реконструкција на објектот.
Во текот на следните денови, по добивање на одобрението од општина Центар, ќе биде објавена и распишана постапка за избор на изведувач на градежни работи за реконструкција и доградба на објектот. Ќе се примени електронска аукција што обезбедува транспарентно наддавање по светски стандарди.
Предвидувањата се дека новиот објект на Универзалната сала ќе биде изграден во период не подолг од 18 месеци од почетокот на градба, која веројатно би започнала кон крајот на оваа или почетокот на следната година, односно по завршувањето на постапката за избор на изведувач.
Со овој проект градот Скопје и Република Македонија добиваат нов и модерен објект на Универзалната сала. Објектот ќе овозможи услови за одржување на културно уметнички манифестации, во кои посетителите ќе може да уживаат во пријатна средина. Тој ќе овозможи и зголемување на обемот на работа на установата Универзална сала и за збогатување со нови содржини. Културните работници ќе добијат нови и современи услови за истакнување на своите знаења и вештини, што ќе придонесе за нов квалитет во културно уметничките претстави. Проектот нуди можности и корист во повеќе сфери, и е од интерес на граѓаните во целина.
Владата и во идниот период ќе продолжи со реализација на проекти за унапредување и развој на културата.